1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Саркози нема да му се суди

ЕМФ/дпа/афп7 октомври 2013

На поранешниот француски претседател Никола Саркози се чини му е тргната една од најголемите пречки за политички камбек. Истрагата против него во аферата „Бетанкур“ е запрена.

https://p.dw.com/p/19vin
Фотографија: Reuters

Поранешниот француски претседател Никола Саркози не мора да одговара пред суд во аферата со корупција околу наследничката на „Лореал“, Лилијан Бетанкур. Истражните судии надлежни за случајот, според извори во правосудството, немаат доволно докази дека конзервативниот политичар ја искористил деменцијата на милијардерката за да дојде до пари за својата кампања во 2007 година.

Според информации на весниците „Ле Монд“ и „Суд Уест“, во аферата „Бетанкур“ пред суд ќе мора да одговараат поранешниот министер и водач на кампањата Ерик Ворт, како и познаници и соработници на Лилијан Бетанкур. Одлуката на истражните судии официјално треба да биде објавена утре (08.10.).

Лилијан Бетанкур, која има 90 години, важи за најбогата жена во светот. Имотот на Бетанкур и нејзиното семејство се проценува на 30 милијарди долари, односно 22,1 милијарда евра.

Запирањето на истрагата за Саркози претставува важна етапа во борбата за враќање на имиџот. Освен тоа, долг судски процес би можел да ми ја уништи можноста за враќање на политичката сцена. Саркози веќе не исклучува можна кандидатура за претседателските избори во 2017 година. Меѓутоа, неговото име се споменува и во други афери, кои би можеле да го однесат пред суд.

Имено, Саркози се товари дека во кампањата во 2007 година добил 50 милиони евра од поранешниот либиски властодржец Моамер ел-Гадафи. Освен тоа, во тек е и истрагата по обвинението дека Елисејската палата во мандатот на Саркози од 2007 до 2012 година дала налог за редица анкети, без да биде распишан јавен конкурс. Името на Саркози се споменува и во контроверзното милионско обесштетување за францускиот бизнисмен Бернар Тапи, во кое е вмешана и шефицата на ММФ, Кристин Лагард. Правосудните органи вршат истрага околу одлуката на Лагард, која во 2007 година беше француска министерка за финансии, да вклучи арбитражен суд во спорот со Тапи. Истрагата сака да утврди дали врз ваквата одлука можеби влијаела Елисејската палата.