1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Турција и е доста чекање во ЕУ

Томас Зајберт/Б. Георгиевски1 февруари 2013

Турција го менува курсот во надворешната политика. По 50 години чекање за влез во ЕУ, Анкара најавува дека го врти кормилото кон исток. Ќе се бара членство во Шангајската група.

https://p.dw.com/p/17WHa
Фотографија: Reuters

Реџеп Таип Ердоган во изминатите 10 години откако е на власт со неговата Партија на правдата и развојот (АКП) разби бројни табуа. Ја растури моќта на армијата, донесе економски развој, и за првпат еден премиер го призна постоењето на „курдскиот проблем“. На едно важно поле Ердоган и остана верен на традицијата, барем досега: целта Турција да стане рамноправна членка на ЕУ.

Но, во своето последно телевизиско интервју турскиот премиер за првпат го претстави овој важен елемент на надворешната политика не само како проблематичен, туку и како политика што треба да се напушти. Тој соопшти дека побарал од рускиот претседател Владимир Путин членство за неговата земја во ткн. „Шангајска група“, каде освен Русија, членуваат и Кина и други богати централноазиски земји.

„Потоа ќе и кажеме на ЕУ догледање“, со насмевка рече Ердоган.

Критичарите го вклучија алармот

Само неколку дена по интервјуто се покажа дека Ердоган не се шегувал. Турското МНР соопшти дека земјата сака да го подигне својот статус во организацијата од „партнер за дијалог“ во „набљудувач“.

Flash-Galerie EU Türkei Beitrittsverhandlungen Symbolbild
Фотографија: AP

Критичарите на Ердоган во земјата го вклучија алармот.

Премиерот носи одлуки врз база на расположението на јавното мислење, без добро да размисли за апсурдноста на промената на курсот од ЕУ кон Шангајската група, напиша колумнистот Семих Идиз во весникот „Хуриет“. Весникот „Бугун“ го праша Ердоган какви заеднички вредности гледа на неговата земја со „диктаторските“ режими кои ја сочинуваат Шангајската група?

Нема дилеми дека Ердоган се водел од јавното мислење кога ја соопштил оваа одлука. Речиси 66 проценти од граѓаните се против влез во ЕУ. Во следните две години Турција ја очекуваат локални, парламентарни и претседателски избори, на кои Ердоган сака да победи. Сепак популизмот не е единствениот мотив на турскиот премиер.

Зборовите на Ердоган говорат и за длабокото разочарување кое владее во Турција поради блокадата за влезот во ЕУ. Тоа го објасни аналитичарот Јавуз Бајдар во текст во Хафингтон Пост:

„И покрај тоа што Турција е членка на Г-20 и 16. економија во светски рамки, земјата се третира како второкласна и лепрозна“.

Самодовербата на регионалната сила Турција расте, а со неа и се почесто се доведува во прашање централната улога која ЕУ досега ја играше во нејзината надворешна политика.

Франција сигнализира нова политика

Факт е дека процесот на прием во ЕУ кој започна со голема надеж за мнозинството Турци се претвори во големо разочарување. Со години Турција од Европа добива сигнали дека никогаш нема да стане дел од Унијата. Тогаш и не мораме да станеме членка, порачува сега Ердоган.

Assoziierungsabkommen EWG mit der Türkei
Договорот за асоцијација Турција го потпиша во 1963 годинаФотографија: European Union, 2012

Но, во овие 50. години откако Турција го потпиша договорот за Асоцијација со тогашната Европска економска заедница, односите секогаш имале свои подеми и падови. Само неколку дена по изјавата на Ердоган за Шангајската група, Франција, која важи за најголем противник на влезот на Турција сигнализираше промена на своите позиции. Веќе викендов шефот на француската дипломатија Лорен Фабиус најави средба со турскиот колега Ахмет Давутоглу на маргините на Минхенската безбедносна конференција.

Тоа би можело да вдахне нов живот во коматозниот ЕУ процес на Турција. Шангај можеби уште малку ќе почека.