1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На 9 февруари средба за спорот за името во Њујорк

7 јануари 2011

Обединетите нации соопштија дека новиот состанок на медијаторот во македонско-грчкиот спор за името, Метју Нимиц со преговарачите од двете страни Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, ќе се одржи на 9. февруари.

https://p.dw.com/p/zuff
Метју НимицФотографија: Petr Stojanovski

„Специјалниот претставник на Генералниот секретар во разговорите меѓу Грција и Поранешната Југословенска Република Македонија, Метју Нимиц, свика состанок со претставниците на двете страни во Њујорк, в среда, 9. февруари. Натамошни детали во врска со состанокот ќе бидат објавени со наближувањето на датумот на состанокот“, се вели во кусото соопштение на Обединетите нации.

Станува збор за прва ваква средба по речиси една година. Инаку, претходно, како датум за одржување на оваа средба важеше 27 јануари.

UN Vermittler Matthew Nimetz und mazedonischer Botschafter Zoran Jolevski in Skopje, Mazedonien
Метју Нимиц и македонскиот преговарач Зоран ЈолевскиФотографија: Petr Stojanovski

Македонскиот државен врв во последниве недели, во повеќе наврати, порача дека очекува во оваа 2011 година да биде надминат спорот за името со Грција. Македонскиот преговарач и амбасадор во САД, Зоран Јолевски, вчера во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, изјави дека Македонија е подготвена да влезе во новата рунда разговори со Грција за да се најде заемно прифатливо решение за името, кое што ќе го заштити идентитетот и дигнитетот на македонскиот народ.

Грчките медиуми, пак, цитирајќи владини извори, денеска објавија дека средбата на 9. февруари ќе биде „неформален состанок“ за да се испита ситуацијата, а не за интензивирање на активностите околу решавање на спорот, како што македонската страна сака да го претстави пред домашната јавност и меѓународната заедница.

Грција инсистира дека решение за името е предуслов за членството на Македонија во НАТО и ЕУ и останува на позицијата за име со географска одредница за општа употреба.

Автор:СН/ТТ/миа/макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска