1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Невклучен мотор

Свето Тоевски20 август 2008

Повеќе од 44 илјади активни мали и средни претпријатија во Македонија, со околу 262 илјади вработени, според Стопанската комора, се најголемите создавачи на нови работни места - потенцијал што е далеку од искористен!

https://p.dw.com/p/F1JA
Фотографија: Petar Stojanovski

Економскиот вицепремиер Зоран Ставревски во една колумна во домашниот печат годинава напиша дека развојот на малите и средни претпријатија не може да им биде препуштен единствено на приватните иницијативи и оти е потребно да се создадат системски услови за поттикнување на приватниот сектор и на претприемништвото. Но, во тетовскиот регион, каде што се бележи експанзија на економската активност од страна на 12 илјади фирми, доминантно мали и средни претпријатија, основани со печалбарски капитал, критички се оценуваат владините мерки и заложби.

Владината програма треба да се остварува – во меѓувреме бизнисмените ги корумпираат службениците

Салајдин Идризи, главен менаџер во регионалната агенција „ЕСА“ за поддршка на таквите претпријатија, вели: „Владината програма ние ја следиме секоја година. Слушаме убави зборови, меѓутоа, тие треба да се спроведуваат автоматски во праксата. Моментно, нема такво нешто. Одамна е определена една слободна економска зона во тетовскиот регион, но, никој не знае каде е, кога и како ќе биде. А, има фирми кои одвај чекаат да дознаат нешто за таа зона и да инвестираат“.

Касам Зендели, стопанственик од тетовското село Порој и потпретседател на Стопанската комора на северозападниот дел на Македонија, укажува: „Многу проблеми со администрацијата, големи пречки кога сакаат да инвестираат, да купуваат земјиште. Наидуваш и на моменти кога треба да влезеш малку и во водите на корумпирањето, за да дојдеш до одредената цел“.

Зендели посочува: „Има многу закони кои доаѓаат во судир едни со други, така што подмитувањето, да кажеме во наводници, понекогаш е навистина потребно. Во една земја каде што има многу закони, таму е поголема можноста да се прави фискална евазија, односно одбегнување на плаќањето на даноците, или за корумпирање. “.

Голема заемна недоверба меѓу локалните компании и општините

Како незадоволителна се оценува и соработката меѓу бизнис – заедницата во регионот со општина Тетово и другите пет локални самоуправи. Висар Адеми, истражувач во Центарот за развој на бизнисот на Штуловиот универзитет во Тетово, истакнува: „Гледам дека има една голема недоверба од страна на компаниите кон општините и кај општините кон компаниите. Голема недоверба, која што доведува до тоа да има негативна енергија во креирањето на тие политики за развој. Тоа не е добро воопшто: ако, на пример, потоа доаѓаат некои надворешни проекти, или странски инвестиции и ако се повикаат подоцна неколку локални компании за соработка со меѓународна компанија, нема да биде добра порака, во случај странците да дознаат за таквата клима на недоверба“.

Абдулменаф Беџети, професор на Економскиот факултет на истиот универзитет, заклучува: „Ако има соодветна политика за да се поттикнат и да се користат овие потенцијали, постои огромен простор. Фактичката стопанска активност е под можната активност на економијата “.

Наместо планирање, поддршка и создавање бизнис клима во Тетовско, сега многу работи се одвиваат стихијно, со остри критики на сметка на владата и на локалните власти. Нискиот, рамен данок, едношалтерскиот систем и економските реформи во овој регион се заменети со прикривање и неплаќање даноци, со подмитување на корумпираните службеници и со вршење работи со свои врски, честопати партиски.