1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

041009 Nürnberg Menschenrechtspreis

4 октомври 2009

Во Нирнберг денеска на иранскиот адвокат Абдулфатах Султани требаше да му биде врачена Наградата за човекови права. Но, добитникот на наградата не стигна во Нирнберг. Тој не смее да го напушти Иран.

https://p.dw.com/p/JxTn
Абдулфатах Султани

На Султани, во петокот (02.10.09) вечерта, на аеродромот во Техеран, му е одземен пасошот и дозволата за излез од земјата.

Меѓународното жири на Нирнбершката награда за човекови права, за иранскиот адвокат Султани се изјасни уште минатата есен. Тогаш уште не можеше да се предвиди колку чувствителна ќе биде оваа тема. По претседателските избори во јуни, Султани како и останатите критичари на режимот, заврши в затвор. Градоначалникот на Нирнберг, Улрих Мали вели: „Тоа покажа дека е дотолку поважно да се награди еден активист за човекови права од Иран, соодветно на нашето мото ’Светлината на јавноста да се заврти онаму кадешто во темницата на светското внимание се случуваат повреди на човековите права’.“

Добитникот на наградата Султани, досега застапувал пред судот лидери на опозицијата во Иран и семејството на иранско-канадската новинарка Сара Каземи, која почина во еден затвор во Техеран, во јули 2003 година.

Сулатни бил трипати в затвор, со месеци, делумно и без каков било контакт со надворешниот свет. Во јуни беше уапсен без да му бидат наведени причините за апсењето. Градоначалникот на Нирнберг напишал голем број писма со протест до иранските власти. Германски политичари водеа разговори со претставници на иранската амбасада и, на крајот на август, Султани, конечно беше пуштен на слобода со кауција од 85.000 евра.

Наградата за човекови права што се доделува во Нирнберг е во вредност од 15.000 евра, а Султани ја добива поради тоа што неустрашиво се бори за почитување на човековите права во Иран.

Автор: Улрике Лефхерц / ЕМФ

Редактор: Жана Ацеска