1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Невработеноста во Европа стагнира на рекодно ниво

АТ/ дпа/ ртр30 август 2013

Добрата вест е: Невработеноста во Европа не порасна. Лошата вест гласи: Таа и натаму е на рекордно ниво. Најмногу погодени се Грција и Шпанија.

https://p.dw.com/p/19Z0a
Фотографија: picture-alliance/dpa

Квотата на невработеност во еврозоната во јули стагнираше на рекордни 12,1 проценти. Во 17-те земји на еврото изминатиот месец повеќе од 19,2 милиони луѓе беа без работа, соопшти Евростат во Луксембург.

Тоа се еден милион повеќе од пред една година. Квотата на невработеност во монетарната унија со месеци се наоѓа на рекордно ниво. Од април годинава се стабилизираше на 12,1 процент.

Најтешко погодени и натаму се јужноевропските кризни држави Грција и Шпанија, каде според последните расположливи податоци без работа биле 27,6 односно 26,3 проценти. Двете земји исто така се најмногу погодени од невработеност меѓу младите. Во Грција речиси 63 проценти од младите под 25 години немаат работа, во Шпанија 56 проценти. На трето место е „новајлијата“ во ЕУ, Хрватска со 55 проценти. Во сите 28 ЕУ земји повеќе од 5,5 милиони луѓе под 25 години се без работа.

Германија со 5,3 проценти спаѓа во земјите со најниска квота на невработеност. Според Сојузната агенција за вработување меѓутоа квотата на невработеност во Германија изнесува 6,8 проценти. Податоците не се совпаѓаат бидејќи се користат различни методи на пресметување на невработеноста. Во Германија имено луѓето кои имаат кусо работно време (пократко од 15 часа неделно) исто така се сметаат за невработени.