1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Невремиња на векот ги зафатија САД и Австралија

3 февруари 2011

Екстремни временски услови им го отежнуваат животот на милиони Американци и Австралијанци. Додека во САД се расчистува снегот што со себе го донесе снежната бура, во делови од Австралија владее хаос по циклонот Јаси.

https://p.dw.com/p/109xU
Циклонот Јаси дојде со ветер од 225 километри на часФотографија: picture-alliance/dpa

Милиони Американци денеска се соочија со предизвикот да се ослободат од планината снег, предизвикана од најекстремната снежна бура што ги зафати САД во последните шеесетина години. Ниските температури, снегот и силниот ветер, од безмалку сто километри на час, практично парализираа една третина од САД, меѓу кои и Чикаго, метрополата која инаку е навикната на остри зими. Првпат по дванаест години, државните училишта во градот се затворени.

Властите почнаа со истрага околу седум смртни случаи, кои најверојатно се должат на екстремно ниските температури и снегот. Меѓу нив е и човек кој останал заглавен во својот автомобил и починал пред да дојдат спасувачките екипи.

Flash-Galerie Blizzard Schneesturm New York
„Снежната идила“ беше смртоносна за најмалку седум лицаФотографија: AP

Јаси се роди во Австралија

Екстремни временски услови владеат и на другата страна од светот. Австралија е погодена од „циклонот на векот“, кој опустоши голем дел во државата Квинсленд. За среќа, заканите за можни човечки жртви и уништени домови не се остварија и штетите се помали отколку што се очекуваше. Засега нема информации за смртни случаи и сериозно повредени лица во налетот на циклонот со највисок петти степен, со ветрови со брзина до 225 километри на час и поројни дождови.

Пред налетот на циклонот Јаси, голем број жители ги напуштија своите домови и побараа засолниште во околните трговски центри. Дел од нив, пак, останаа барикадирани во своите куќи. Меѓутоа, поради екстремните услови, спасувачките екипи не беа во можност да одговорат на повиците од граѓаните. Премиерката на сојузната држава Квинсленд, Ана Блај истакнува: „Нема услови да се испратат спасувачки екипи или хеликоптери. Сето тоа е надвор од реалните можности“, истакна Блај.

И покрај пустошот што Јаси го остави зад себе, три бебиња беа родени додека траеше циклонот, меѓу кои и девојче кое на свет дојде во еден од центрите за спасување. Мајката инсистираше тоа да се вика Јаси.

Автор: Ана Енгелке/Трајче Тосев/афп, дв, миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска