Неврзаните со поддршка само за Техеран?
1 септември 2012Во телевизискиот прилог стои дека поддршката е содржана во еден од бројните членови на декларацијата усвоена на крајот од дводневното заседавање на Движењето на неврзаните, кое опфаќа 120 држави во светот. Странските агенции, сепак, појаснуваат дека во завршната декларација е потврдено правото на сите земји за нуклеарна енергија за мировни цели, како и одбивање еднострани санкции и воени закани против која и да било земја, поддршка за создавањето палестинска држава и неопходност од нуклеарно разоружување.
Техеран го искористи Самитот на неврзаните за да покаже дека пропаднале настојувањата на САД и нивните сојузници да го изолираат Иран. Домаќинот на самитот се обидуваше да добие поддршка од Неврзаните за својата нуклеарна програма, бидејќи движењето опфаќа две третини од членките на ОН.
Средбата во иранската престолнина заврши со повик за глобален мир, упатен од иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад, како нов претседател на движењето.
„Важната политичка порака на неврзаните земји кон меѓународната заедница е пораката за пријателство и мир“, изјави Ахмадинеџад во својот говор на затворањето на самитот.
Следната средба на врвот на Движењето на неврзаните земји ќе се оддржи во Каракас во 2015 година, соопшти венецуелскиот министер за надворешни работи Николас Мадуро во телевизиско интервју веднаш по затворањето на самитот на Движењето на неврзаните во Техеран. Средбата во 2015. година ќе се одржи во еден еволуиран свет, изјави Мадуро, прогнозирајќи дека тогаш 120-те земји членки на Движењето ќе бидат посплотени и поблиску до изградбата на „многуполарен и многуцентристички свет, ослободен од хегемонија“.