1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

150709 Blockfreie Bewegung

16 јули 2009

Во египетското летувалиште Шарм ел Шеик се одржува 15 самит на Движењето на неврзаните земји. Целта на Движењето беше да стане третата сила меѓу Западот и Истокот, но кое е неговото значење денес?

https://p.dw.com/p/IqHl
Во Шарм Ел Шеик се разговара за дипломатските односи, економијата, развојот и социјалните прашањаФотографија: AP

Темелите на Движењето на неврзаните држави беа поставени на конференцијата во индонезискиот град Бандунг во април, 1955 година. Таму беа присутни 29 шефови на држави и влади од првата пост-колонијална генерација. Водечка улога имаа претседателот на Египет, Џамал Абдел Насер, премиерот на Индија, Шри Џавахарлал Нехру, југословенскиот претседател, Јосип Броз Тито, претседателот на Индонезија, Ахмед Сукарно и Кваме Нкрума, претседателот на Гана. Случувањата на светската политичка сцена беа причината за формирањето на ова движење: Студената војна меѓу НАТО и Варшавскиот пакт се` повеќе се заоструваше. Двата блока се натпреваруваа кој повеќе ќе се наоружа.

На конференцијата во Бандунг беа поставени основните цели и принципи на Движењето, но официјалната основачка конференција се одржа шест години подоцна во Белград, во 1961 година. Меѓу 25 земји-основачки беа Авганистан, Куба, Египет, Индија и Југославија. Во децениите што следеа, се` поголем број земји му се приклучуваа на Движењето на неврзаните држави. Речиси сите африкански и азиски земји се зачленија во сојузот.

Противтежа на силите од Истокот и Западот

Josip Broz Tito Kalenderblatt
Титова Југославија беше една од основачките на Движењето во 1961 годинаФотографија: AP

За време на основачката конференција намерно беше одлучено да се користи терминот „движење“, а не „организација“, за јасно да се стави до знаење дека работата не треба да ја попречуваат сувопарни, строги бирократски структури. Сепак, движењето се стремеше кон активно учество на меѓународната политичка сцена. Таму, пак, Студената војна повторно постигна кулминација - Германската Демократска Република го изгради Берлинскиот ѕид, Германија се подели, а Железната завеса ја пресече Европа.

Во ваква политичка клима, целта на Движењето на неврзаните држави беше да создадат трета сила во системот што го створија Истокот и Западот, вели Кристијан Вагнер од фондацијата „Наука и политика“ од Берлин:

„Но, со оглед на хетерогеноста на различните земји-членки, ова не се покажа како особено ефективна стратегија. Затоа успехот и до ден-денешен се` уште е само привиден“, смета Вагнер.

Успесите остануваат маргинални

Iran Blockfreie Staaten Treffen in Teheran
Од ланскиот самит на Движењето во ТехеранФотографија: AP

По завршувањето на Студената војна, дојде време Движењето да си постави нови цели. Меѓу другото, земјите-членки сега се заложија за заштита на човековите и меѓународните права, како и потрага по праведност во глобализираниот свет. Но, успехот во исполнувањето и на овие цели остана маргинален. Не само крајот на Студената војна, туку и насоката во која се развиваше светското стопанство придонесе за намалување на значењето што го имаа неврзаните земји. Покрај тоа, нивното залагање за поголем политички суверенитет и немешање во внатрешно-политичките случувања честопати ги загрижува набљудувачите, особено кога се знае дека се работи за политички нестабилни земји, како Зимбабве, Пакистан или Иран. Сепак, Кристијан Вагнер не смета дека овие држави наидуваат на голема поддршка во Движењето.

„За нив Движењето на неврзани држави повеќе претставува уште еден форум, каде можат да ги пропагираат своите идеи. Но, сметам дека нема некаков заеднички интерес кој преовладува. А тоа е и основниот проблем на Движењето, уште од основањето во шеесеттите години - едвам да постојат некои заеднички интереси меѓу земјите во развој. Поради тоа, Движењето се` повеќе тоне во безначајност и им го отвора патот на организации како групата на 77-те земји во развој“, смета Кристијан Вагнер од фондацијата „Наука и политика“ од Берлин.

Автор: Дафне Гратвол/Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска