1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недостаток на политичка дебата

Александар Чомовски17 март 2009

Предизборната кампања во Македонија финишира со заострување на меѓусебните напади меѓу кандидатите и партиите. Се зголемува бројот граѓани, кои велат дека не знаат за кого ќе гласаат на изборите.

https://p.dw.com/p/HEE0
Фотографија: Petr Stojanovski

Во финишот на предизборната кампања, не се менува јавната реторика, но, се заоструваат меѓусебните обвинувања меѓу кандидатите и партиите. До петок претстојат уште две телевизиски соочувања на кандидатите за претседател на Македонија, но, прашање е дали темите за спорот околи името со Грција, евро-атлантските интеграции и односот на кохабитација меѓу идниот претседател и владата може да ги мотивира граѓаните во поголем број да излезат на гласање, што е особено важно за вториот круг на изборите.

„Станува збор за кампања во која е евидентно дека лидерите на партиите самите директно ги избраа кандидатите за претседател, и некои од нив уште и одат со кандидатите на митинзите“, оцени во една телевизиска дебата, универзитетскиот професор, Мирјана Малевска.

Mazedonien Präsidentschaftskandidaten Selmani, Budzaku, Ivanov, Boskovski, Ruzin und Frckoski
Претседателските кандидати ги вложуваат последните напори за придобивање што повеќе гласовиФотографија: DW / Petr Stojanowski

Злоупотреба на независноста на универзитетите?

Последните сондажи на јавното мислење покажуваат дека е зголемен бројот на граѓани кои не сакаат или не можат да се изјаснат за кого би гласале на изборите.

„Во суштина недостасува политичка дебата. Тоа граѓаните го гледаат и можеби тоа е причината зошто една третина од нив велат дека не знаат за кого ќе гласаат“, вели политичкиот коментатор, Сашо Ордановски.

И на во предизборните настапи е забележливо дека расте бројот на јавни собири, на кои меѓутоа има се’ помалку граѓани.

Одделни експерти остро се спротиставија на злоупотребата на универзитетите и студентите во кампањата. Критиките се зголемија откако претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов јавно призна дека им сугерирал на своите студенти да дадат писмена поддршка за номинацијата на Нано Ружин.

На опозицискиот СДСМ не му успеа овој настап на Иванов да го издигне на ниво на скандал, што би доминирал во финишот на кампањата. Меѓутоа, универзитетскиот професор Јасна Котевска забележува: „Мислам дека е тотално ступидно да го ставите универзитетот, кој со векови се борел за таа позиција на независност, во каков било партиски пакет“, вели Котевска.

Mazedonien Zwei Wahlgänger an einer Wahlurne Symbolbild undatiert Foto: Petr Stojanovski
Се заканува ли мал одзив на гласачите?Фотографија: Petr Stojanovski

Тивок притисок за компромис за името

Во текот на кампањата и реториката на кандидатите и партиите од албанскиот блок е забележлива одмереност.

„Досега не е забележан ниту еден инцидент меѓу учесниците на изборите. Предизборната кампања пред се’ е фокусирана на презентирање на платформите на кандидатите“, оценува Јетон Шасивари, професор од универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Во албанскиот блок доминантна е темата за интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ, и притоа се врши тивок притисок врз македонскиот политички блок да се направи решителен компромис во спорот со Грција за името.

„Ако на граѓаните на Македонија, а особено на албанското население му стане јасно дека евро-интегративните процеси се прекинати, се отвораат можности за радикализација на албанскиот политички блок“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.