1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незавидна состојба за невладините организации?

3 март 2012

Во споредба со пред десет - петнаесет години,невладините организации во земјата треба многу да работат да дојдат до европски пари и до разнишаната доверба од граѓаните.

https://p.dw.com/p/14EO0
Учесниците на последната национална конференција на невладините организации во МакедонијаФотографија: DW

Според проект на УСАИД,а за што истражувањата ги направи скопската Агенцијата „Рејтинг‘‘ дури 69,1 отсто од анкетираните се изјасниле дека не се мотивирани да учествуваат во граѓански асоцијации и невладини здруженија за прашања за кои сметаат дека се од општествено значење. „Резултатите од истражувањето покажуваат дека довербата во граѓанските организации опаѓа и дека граѓаните се малку заинтересирани да партиципираат во активностите на невладините организации.Се бележи и ниска доверба во самиот сектор кој е перцепиран како манипулиран и злоупотребуван од политичките партии. Воедно се покажа дека граѓаните не веруваат во влијанието кое би можело да го имаат невладините организации во решавањето на нивните проблеми. Загрижувачки е што состојбите се променети на полошо,односно се бележат негативни трендови во споредба со изминатите неколку години,по однос на сите горенаведени индикатори‘‘ потенцира за Дојче Веле,Никола Спасов од Агенцијата „Рејтинг‘‘ одговорен за истражувањето.

Негативни стереотипи

Сашо Клековски од Македонскиот Центар за Меѓународна Соработка МЦМС,кој е добар познавач на состојбите во невладиниот сектор за ДВ вели дека не се сложува дека е намалена довербата на граѓаните во невладиниот сектор. Тој појаснува дека во истражувањето на МЦМС од 2006 година наваму довербата во граѓанскотро општество се движи од 40 до 50% од граѓаните и потенцира „Можете ли да посочите друг сектор со толкава доверба. Фактори кои негативно влијаат на довербата на граѓаните се два стереотипа, дека граѓанските организации се продолжена рака на странците од Запад и дека се „кукли‘‘ во рацете на политичарите. Велам стереотипи бидејќи не повеќе од неколку стотини организации од 11 000 организации во Македонија добиваат финансии од странство.А тие под влијание на политиката се уште помалку,но за жал почесто добиваат медиумски простор‘‘ смета Клековски и додава „Ние од граѓанскиот сектор и политичките партии имаме слични цели ,а различни методи. Нашата е градење на јавната свест и влијание врз државата и приватниот сектор. Во истражувањата на МЦМС е документирано дека дел од најголемите успеси на граѓанското општество се случаите кога постоела соработка помеѓу граѓанските организации, извршната власт и пратениците од парламентот.

Saso Klekovski
Сашо Клековски од МЦМСФотографија: Sveto Toevski

Урнат углед

Клековски оценува дека граѓанското општество во Македонија е во подем. „Се зголемува бројот на организации од околу 6 000 во 2000. година на над 11 илјади во 2011. година. Се зголемуваат и резултатите како изменети закони на пример закон за здраствена заштита за превентивни прегледи на жените, се влијае на економски одлуки на пример за затворањето на Топилницата во Велес. Но резултатите некогаш се тешко видливи за граѓаните, најчесто бидејќи овие успеси се резултат на повеќе годишна работа, некогаш не толку медиумски изложена‘‘ , смета Клековски.

Некои од граѓаните кои сакаат да бидат анонимни во изјавите за ДВ велат дека за разлика од пред десетина и повеќе години наназад сега им е урнат угледот на невладините организации „ затоа што има и политички партии кои со години за злоупотребуваат работата на НВО-секторот за да ги остварат своите политички цели. Не ретко се случуваше да бидат формирани инстант-организации,кои буквално беа за еднократна партиска (зло)употреба.Затоа избегнуваме да се активираме,бидејќи независно на која организација и да се приклучиме,ќе ни бидат залепени партиски етикети,односно ќе бидеме злоупотребени‘‘,велат граѓаните. Некои пак оценуваат „Имаше злоупотреби од раководителите на некои од НВО организациите кои не привлекуваа нас граѓаните само додека донаторите им ги полнеа касите односно нивните џепови,а сега при помали приливи на пари тие невладини организации воопшто и не ги интересираат нашите граѓански проблеми,а за кои претходно „силно ‘‘ се бореа‘‘ , сметаат добар дел од граѓаните.

Platz in Veles, Mazedonien
ВелесФотографија: Petar Stojanovski

Во Македонија има и одлични невладини организации

Сашо Клековски од МЦМС вели дека и покрај се со години наназад граѓаните во Македонија ги препознаваат добрите организации и имаат доверба во нив како Меѓаши, Полио плус, Ел Хилал, Организациите на жени.Тој посочува дека Велес е пример кој охрабрува,каде се постигна сплотеност на граѓанските организации и граѓаните со општинските власти ,против една финансиски моќна фирма која се обидува да го рестартира најголемиот загадувач, Топилницата за олово и цинк.

Ненад Коциќ претседател на ЕД „Вила Зора‘‘ од Велес кое успешно дејствува 23 години и е една од најстарите во земјата ,а кое заедно со ЕГ „ Грин Пауер‘‘ се движечка сила на невладиниот сектор на Велес сплотени во Зелената коалиција во борбата за подобар живот и довербата на граѓаните против Топилницата, за ДВ ни го дава рецептот за ваквата успешна работа „Нашата посветеност кон идејата и целта којашто ја имаме заштита на животната средина и здравјето на луѓето, не вклучувањето со други и политички теми,како и ангажирањето на луѓето свесноста да се инвестира во граѓанскиот сектор,сметам дека е еден од принципите за успех во нашата работа.Досега сме имале одлична подршка и од граѓаните и од партнерите и од политичарите, единствено како соработници. Сме соработувале и со министерства или Влада и сме опстоиле, само затоа што кога требало да критикуваме, сме критикувале,а кога требало да пофалиме, сме пофалиле.Никогаш не сме располагале со големи финансиски средства кои би значеле можност за работа но и за општо за манипулации ако се претера со финансиската конструкција на одредени проекти.Но ние секогаш скромно сме побарувале и скромно сме добивале,Со тие пари сме вложувале во еколошки проекти во училишта,градинки,болница во хуманитарни и други слични пред се еколошки акции‘‘, потенцира Коциќ.

Mazedonien Land und Leute EU-Vertretung Gebäude in Skopje
Канцеларијата на ЕУ во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Влошено финансирање

Во однос на финансиската поддршка од европските фондови Коциќ смета дека е премногу што последниве години за проект Европските фондови од нив бараат учество од 10 000 евра. „ Ние сме локална непрофитабилна невладина организација, а која располага со минимални средства и затоа треба да се смени начинот на финансирање од страна на фондовите на Европската Унија‘‘, порачува Коциќ.

Сашо Клековски од МЦМС пак по ова прашање оценува дека е влошено финансирањето на граѓанските организации кои од 1992. година наваму добиваа значителна поддршка од странство. Од 2005. година почна повлекувањето на странските донатори. „ Затоа сметам дека во следните неколку години граѓанските организации во Македонија ќе треба да се свртат кон подршката од граѓаните.Тоа е клучен чекор-бидејќи само граѓанин кој е уверен ќе донира. На таа поддршка треба да се приклучат и фирмите и секако државата, како владата и општините‘‘. Тој смета дека странските донатори се потребни следните пет до десет години за организации од сектори како човекови права, каде според него ќе биде најтешко да се добие масовна поддршка од граѓаните во Македонија.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Симе Недевски