1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незадоволството како стил на живот на младите во БиХ

Александра Славниќ / Елизабета М. Фиданоска28 октомври 2013

Јелена Топиќ од Приједор стана симбол на бунт и мирно протестирање поради состојбите во БиХ. Многумина се препознаа и во нејзиното молчење ги видоа и своите причини. Незадоволството на младите е секој ден се‘ поголемо.

https://p.dw.com/p/1A75S
Фотографија: DW/A. Slavnic

„Молчи Јелена, не зборувај ништо и климај со главата. Така не‘ научија.“ Тоа е ироничната порака на сараевскиот концептуален уметник Дамир Никшиќ до младата девојка од Приједор, Јелена Топиќ. Таа во текот на изминатиот месец секојдневно стоеше мирно врз дрвена кутија во центарот на Приједор. Дали станува збор за перформанс или протест, се‘ уште не се знае. Иако немаат сознанија, граѓаните на Босна и Херцеговина имаат слични толкувања за чинот на Јелена. Мнозинството смета дека зад сето тоа стои незадоволството и невработеноста, тоа дека младите немаат иднина во земјата, а само мал број од нив има храброст и волја да го покаже својот очај.

Bosnien Situation der Jugendlichen Damir Nikšic
Дамир НикшиќФотографија: DW/A. Slavnic

Студентката Андреа Лазичиќ од Брчко за своите врсници вели дека се многу песимистични, а и таа не е исклучок. „Ништо не ми дава знак за поубава иднина. Моите желби се скромни - да завршам факултет, да се вработам и да останам овде. Меѓутоа, реалноста ми покажува нешто сосема друго.“

Bosnien Situation der Jugendlichen Andrea Lazicic
Андреа ЛазичиќФотографија: DW/A. Slavnic

Младите во БиХ се препуштени сами на себе

Никшиќ верува дека времето на идеолошки борби мина, дека секој млад човек се бори исклучиво за гол опстанок, за работа и живот достоен на човекот и смета дека државата и политичарите зеле премногу, а за возврат не дале воопшто ништо. „Исчезнаа 15 милијарди странска помош, а сега сакаат младите да волонтираат и да одат по работни акции. Тој воз помина. Ние, како Јелена, сме препуштени сами на себе.“

Bosnien Situation der Jugendlichen Jelena Topic
Јелена Топиќ стоеше во Приједор молчејќи цел месецФотографија: DW/A. Slavnic

Како да се протолкувата преполните кафулиња по градовите во земјата, насмеаните лица на млади луѓе кои со часови пијат кафе? Многумина знаат да кажат дека тие во суштина и не се незадоволни, се‘ додека имаат со што да си го платат кафето. Горан Зориќ, активист од Приједор, смета дека луѓето се и тоа како исфрустрирани и очајни, но дека едноставно не знаат да го изразат своето незадоволство и дека очигледно на тоа треба некој треба да ги научи. „Секојдневното расположение на улица и во кафеана не треба да се зема како показател на среќа и задоволство. Едноставно, станува збор за голема пасивност и чувство на беспомошност кое го имаат младите овде.“

Не се инертни само младите, инертен е системот

Причини за бунтување има многу, смета Горан. Тој е убеден дека ситуациите од секојдневниот живот ги обесхрабруваат младите да сторат што било, затоа што се разочарале многупати. „Би било интересно да се проверат списоците на приправници во државните служби и листите на подмладоци на политички партии. Сигурен сум дека имињата ќе се поклопат во голем процент. Јас одамна престанав да барам работа во такви фирми, затоа што едноставно нема смисол“, вели Горан.

Драган Бурсаќ, филозоф и социолог, оценува дека неволјата е дотолку поголема што луѓето навикнале да живеат со своето незадоволство, па промени никој и не бара, најмалку младите. „Таа апатија како да стана фолклорен дел од животот, ’лајф стајл’. Тоа е живот од денес до утре, задутре и не ве интересира многу. Мнозинството од младите и нема некои планови, а да не зборувам за животна заштеда, за грижа за здравјето, за основни работи кои се тотално запоставени“, вели Бурсаќ.

Bosnien Situation der Jugendlichen Dijana Gajic
Дијана ГајиќФотографија: DW/A. Slavnic

Дијана Гајиќ од Бањалука е една од оние кои имаат работа. Покрај тоа, оваа 29-годишна девојка е основач на музичката грука „Кетрин Нојс“. Иако не се вбројува во пасивното мнозинство, туку се бори на повеќе полиња како знае и умее, оценува дека не треба да се обвинуваат младите за состојбата во која се наоѓаат. „Не сакам да кажам дека се инертни младите. Системот е инертен. Знам многумина кои се депримирани и исфтрустрирани затоа што сториле многу, покренувале сериозни работи, а и натаму не се признати од никого. Тие се присилени да размислуваат за заминување“, истакнува Гајиќ.

Еден од таквите е Душко Станивук. Завршил филмска и театарска режија на Академијата за уметност во Бања Лука, а на сите познатата Јелена Топиќ му е пријателка од истата класа. За нејзиниот „проект“ не знае многу и не сака да зборува. Знае само дека сите заедно се генерација без иднина. Зад него се бројни проекти, веќе шеста година по ред го организира студентскиот фестивал „Дукафест“. Се обесхрабрува на секој чекор, зашто, како што вели, властите во БиХ се сосема незаинтересирани за младите и нивните идеи. „Штом ми се укаже прилика, заминувам одовде. Нема ни да се завртам. Вложуваш години обидувајќи се нешто и тоа нема никаков одек. Средствата што ги добиваме за организација на фестивалот кој трае четири дена се една месечна плата на еден вработен во министерството.“ Ентузијазмот, вели Душко, не е вечен.

Bosnien Situation der Jugendlichen Duško Stanivuk
Душко СтанивукФотографија: DW/A. Slavnic

Шпанецот Нестор Руиз пет години живее во Бања Лука. Кога дошол, на БиХ гледал како на земја на можности, но стварноста, како што вели, го демантирала. Тој нагласува дека е интересно колку луѓето не се борат за она што им припаѓа. Неодамна бил во Мадрид, каде протестите на младите се секојдневие. „Тоа овде ми недостига. Сепак, за пет години, колку што сум овде, гледам промени. Младите почнаа да излегуваат на улица, но тоа не е доволно. Овде нема култура на протести и активизам“, вели Руиз. Тој порано својата иднина ја гледал во Бања Лука. Смета дека БиХ е прекрасна земја, со прекрасни луѓе, но, како што нагласува, присилен е наскоро да си замине и среќата да ја побара на некое друго место, како и многумина негови пријатели кои ги запознал во БиХ.

Bosnien Situation der Jugendlichen Nestor Ruiz
Нестор РуизФотографија: DW/A. Slavnic