1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незадоволство од СТО, барања за нов светски трговски систем

Моника Хеген22 декември 2005

Само, како да изгледа тој?

https://p.dw.com/p/AeN5
Од конференцијата на СТО
Од конференцијата на СТОФотографија: AP

Министерската конференција на Светската трговска организација во Хонгконг уште не беше ни завршена кога почнаа дебатите околу иднината на таа организација. Со ова се поврзува и прашањето како во иднина и општеството со многубројните невладини организации подобро да се подготви за излегување на крај со темата за меѓународната трговија. Незадоволството од сегашната состојба е големо, но нема ни вистински идеи за во иднина.

На крајот не останаа во сеќавање само протестите на демонстрантите; многумина и од учесниците не беа задоволни со резултатот од преговорите на конференцијата, пред се’ мнозинството од преку 2 илјади невладини организации од светот. За нив тоа е само минимален резултат, кој по којзнае кој пат ги запоставува земјите во развој. Не е отстранет структурниот, нерамномерен однос на силите во СТО. Оттука, се’ погласни се барањата за нов, мултилатерален светски трговски систем. Само, како треба да изгледа тој?

Досега транснационалните концерни имаа преголемо влијание врз решенијата што се донесуваа во СТО, смета Сјузен Џорџ од Атак, движење на противниците на глобализацијата: „Ги имаме Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и СТО – тие заедно сочинуваат еден вид светско министерство за стопанство, трговија и финансии. Но, проблем е што немаме светско министерство за здравство, или за образование, за труд, за праведност или било кој друг елемент, кој би придонел да се подобри животот на обичните луѓе. Навистина, ги имаме УНЕСКО и Светската здравствена организација, но тие немаат ни приближно толкава моќ, како СТО, ММФ или Светската банка“.

Сјузен Џорџ затоа бара комплетно нова структура на светскиот трговски систем, што би можело да значи укинување на СТО или нејзино ново формирање во рамките на системот на Обединетите нации.

Но, само институционална промена не е доволна, смета Барбара Унмисих, директор на германската фондација „Хајнрих Бел“. „ОН се заедница на владите, и ако режимот на светската трговија треба сега да се најде под нејзина закрила, тогаш веќе се поставува прашањето дали таму нема да се повторат истите проблеми што ги имаме и овде - конфликтот на интереси меѓу различните експортни земји, меѓу сиромашните земји. Кои се вистинските правила? За кои цели служат тие? Дали трговските правила навистина треба да служат за поттикнување социјални и еколошки стандарди? Остануваат истите прашања, зашто и овде седат владите“. Според Барбара Унмисих, важно е да се размисли за нови правила за континуиран и социјален развој.

Невладините организации блиски до Црквите бараат преуредување на светскиот трговски систем за поголема праведност меѓу богатиот свет и земјите во развој. Тие се сметаат себе си за адвокати на сиромашните и сметаат дека во иднина мораат засилено да се заложат во дебатата за светската трговија. Но, немаат доволно капацитети и компетенција за да држат чекор во меѓународните дебати. Освен тоа, црквите досега досега повеќе беа сфаќани како експерти по прашањата на етиката.

„Но, ни владите, нити пак вистински и црквите сфатија дека трговијата има врска со етиката. Со еден единствен трговски механизам може многу повеќе да се уништи, отколку што ние можеме да постигнеме со сите наши мали проекти во целиот свет“ – вели Рудолф Бунцел, претставник на АПРОДЕВ, европското здружение на протестантски организации.