1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесност во атомскиот спор со Иран

Јашар Ерфаниан/Махидох Месбах/Жана Ацеска5 април 2013

Новата рунда разговори за иранската атомска програма меѓу меѓународната група 5+1 и Техеран е во тек во Алмати во Казахстан. Притисокот врз Иран постојано расте, но исходот на преговорите е неизвесен.

https://p.dw.com/p/18AOr
Фотографија: aeoi.org.ir

Иран е притиснат со грбот во ѕид. Инфлацијата во мeѓувреме достигна 40 проценти, иранската економија се наоѓа во длабока криза. Освен тоа, на 14 јуни претстојат претседателски избори. Внатрешната предизборна борба меѓу конзервативните сили во земјата предизвика дополнителна политичка криза.

Севкупно, притисокот врз Иран е прилично голем. Оваа ситиација може да биде предност од аспект на Западот во новата рунда преговори меѓу Иран и т.н. група 5+1 (претставници на вето-силите во ОН: САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција, како и Германија).

Последици на санкциите

Приврзениците на верскиот водач Али Хамнеи за актуелната кризна економска ситуација радо ја обвинуваат владата на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад. Никој не сака да признае дека всушност влијание покажуваат санкциите воведени од Западот.

Товарот пред се‘ паѓа врз обичниот народ и средните по големина претпријатија, кои масовно мораат да затвораат. Санкциите особено силно погодуваат во финансискиот и секторот на нафтената индустрија, каде предизвикуваат значителни загуби во приходите. Приватно финансираната фондација Карнеги проценува дека атомската програма, мерено според загубите од странските инвестиции и приходите од нафтата, досега Иран го чинеа повеќе од 100 милијарди долари.

Обид на режимот за ограничување на штетата

Иран се чини сега се труди да ја намали штетата, за што доказ е новогодишниот говор на Хамнеи. Тој повторно го истакнуваше цивилниот карактер на атомската програма:

„Облагородувањето ураниум за цивилното искористување на атомската програма во Иран мора да биде прифатено. Ние немаме никаков интерес за производство на нуклеарно оружје“.

Verhandlungen über iranisches Atomprogramm in Kasachstan beendet
Иранскиот преговарач Саед ЏалилиФотографија: Reuters

Хамнеи, освен тоа, не исклучи ниту директни преговори со САД, доколку одговараат рамковните услови.

Реза Тагхизадех, експерт за меѓународни односи на шкотскиот универзитет Глазгов, изјавата на Хамнеи ја толкува како реакција на санкциите на Западот.

„Хамнеи сакаше да му покаже на Западот дека Иран не ја преминува и се придржува на црвената линија која му беше поставена“.

Тешки предуслови за напредок

Техеран со оптимизам ја очекува претстојната рунда преговори во Алмати.

„Првата средба во Алмати донесе позитивни резултати, што ни дава надеж дека и втората ќе донесе напредок“, изјави иранскиот министер за надворешни работи Али Акбар Салехи. Оценката и од Брисел гласи - Иран позитивно реагираше на предлогот на групата 5+1.

Сепак, нејасно е каков е новиот предлог кој му беше доставен на Иран во февруари. За тоа не се изјаснија ниту Кетрин Ештон, задолжената за надворешна политика во ЕУ, ниту шефот на иранскиот преговарачки тим Саед Џалили. Иран и Меѓународната агенција за атомска енергија во меѓувреме соопштија дека групата 5+1повеќе не инсистира на затворање на погонот за облагородување ураниум во Фордо, јужно од Техеран. За возврат, иранската страна треба да дозволи инспекции на Меѓународната агенција за атомска енергија во подземните постројки. Ова не звучи многу конкретно.

Иранската страна се надева на укинувањена санкциите, кои на Техеран му предизвикуваат вистински проблеми. Но, Брисел и Меѓународната агенција јасно кажаа - на Иран не му е ветен прекин на санкциите. Станувало збор единствено за делумно олабавување на санкциите, на пример на трансферот на пари, се дознава од дипломатски кругови.

Iran Atomanlage Isfahan Archivbild 2009
Атомската постројка ИсфаханФотографија: imago/UPI Photo

Скепса наместо надеж

Скот Лукас, експерт за Иран на британскиот универзитет Бирмингем и уредник на порталот за Блиски Исток, ЕА Ворлдвју, не верува дека Иран би се откажал од инсистирањето за укинување на рестрикциите кон нафтениот и финансискиот сектор. Тој е скептичен и покрај растечкиот притисок врз Техеран.

„Двете страни меѓусебно ќе си ја префрлат одговорноста за недоволниот постигнат напредок. Но, преговорите барем ќе продолжат и со тоа ќе се намали опасноста од војна“.

Слични воздршки изразува и Тагхизадех - нема надеж на втората средба во Алмати да биде постигнат јасен резултат.

Новите преговори во Алмати се продолжение на девет претходни рунди во атомскиот спор со Иран, кои не донесоа никаков пробив.