1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесно првенство со просечен фудбал, Штутгарт заслужено прв

А. Бетхер, Б. Вист / З. Јордановски21 мај 2007

Поглед врз штотуку завршеното фудбалско првенство на Германија

https://p.dw.com/p/Anz8
Заслужена радост: играчите на Штутгарт
Заслужена радост: играчите на ШтутгартФотографија: AP

Расплетот е познат – Штутгарт прв, зад него Шалке и Вердер. Но возбудувањата во фудбалската Бундеслига траеја се’ до последното коло, во кое за момент изгледаше дека е можно чудо кога Енерги поведе во Штутгарт. Иако тоа не се случи, првенството ќе се памти по неизвесноста во борбата и на врвот, како и на дното. За жал, возбудливоста не беше резултат на квалитетен фудбал.

Наспроти сите атрибути за “неверојатно", за "лудо” првенство, тоа сепак беше само просечно и секој тим со барем половична константност лесно можеше да стане првак. Напнатоста не беше резултат на изедначеноста на лигата, туку последица на недоволниот квалитет.

Трката за титулата заслужено ја доби Штутгарт: тренерот Армин Фе успеа од првичниот конкурент во борбата за опстанок да формира сплотена дружина, која оствари енормна завршница. Навистина никој – ни експерти, ниту лаици, не сметаше на Штутгарт, се типуваше на вообичаените фаворити Баерн Минхен и Вердер, се спомнуваа и Шалке и Хамбургер. Испадна сосем поинаку.

Татковци на успехот на Штутгарт се менаџерот Хорст Хелд и тренерот Армин Фе. Хелд имаше среќна рака при купувањето нови играчи и го поддржа тренерот што му е по волја и во деновите кога Фе беше сметан само за привремено решение. Ѕвезди нема, тимскиот дух стои над се’, вели Хелд. “Секогаш е така – секој во својата функција, на теренот или на клупата за резервни играчи, дава се’ од себе, сите влечат на иста страна на јажето. Никој не се издвојува, оти забележуваат или знаат дека само така имаат успех”.

Штутгарт со текот на првенството стануваше се’ поконстантен, покажа тактичка мудрост, ја усоврши играта на кратки додавања и овојуваше прво се’ повеќе симпатии, а потоа и бодови. Армин Фе укажува дека по заминувањето на Курањи, Хинкел и други, титулата е освоена со нов, најмлад тим во Бундеслигата, предводен од Хилдебрант, Хицелспергер, Какау и Гомес: “Во шесте подготвителни недели согледав дека сме добри. Но и со прикажаното во целата сезона апсолутно ја заслуживме титулата”.

Последен пат Штутгарт беше шампион пред 15 години. Сега има шанса и за двојна титула - во финалето на Купот противник му е Нирнберг.

Шалке поради сопствената немоќ во клучните моменти не успеа во Гелзенкирхен да ја донесе титулата, последен пат освоена во 1958-ма година. Вердер има извонредна гол-разлика, но брилјираше само во првиот дел од првенството. Баерн Минхен се лизна на персоналната политика – не е доволно само од конкурентите да се купат најдобрите играчи, без тие да се вклопуваат во концептот на тимот. Како погрешна инвестиција за иднината се покажа и смената на тренерот Феликс Магат, кој освои две двојни титули, со стариот мајстор Отмар Хицфелд.

Необично е дека годинава борбата за опстанок истовремено беше и борба за место во европскиот Интертото-куп! До три кола пред крајот за опстанокот мораа да страхуваат сите тимови од 7-мото место надолу. Слабостите на Лигата дојдоа до израз и на меѓународен план: Баерн беше во подредена состојба во четвртфиналниот дуел на Лигата на шампионите против Милан, Вердер се избламира против еден просечен тим од Шпанија во полуфиналето на Купот на УЕФА, а сите други германски претставници беа елиминирани уште во раната фаза.

Причините со години се исти: подмладокот одвај да добива шанса, врвните фудбалски ѕвезди не доаѓаат во Бундеслигата, а германските тренери се потпираат врз старомоден зихерашки фудбал. Оттука, малку е необична извонредната посетеност - со вкупно преку 12 милиони гледачи една од најдобрите на сите времиња.