1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неканетите гости ги враќаат дома

21 октомври 2010

Државниот секретар за миграција на Белгија, Мелкиор Ватле допатува во Скопје да испрати јасна порака до сите кои тргнуваат како азиланти кон неговата земја-сите ќе бидете вратени назад.

https://p.dw.com/p/Pk5Y
Од Македонија во потрага по подобар живот во ЕвропаФотографија: DW

Не се живее во оваа сиромаштија, дајте ми 100 евра, уште утре ќе ви се јавам од Брисел, вели еден жител на скопската населба Шуто Оризари. Тврди дека не сака да замине од Македонија за да бара азил, туку за да најде работа и чесно да заработува во странство.

„Ние не бараме таму леб, бараме работа“.

Но токму ваквите желби и планови на голем број жители на Шуто Оризари се причина за посетата во Македонија на државниот секретар за миграција на Белгија, Мелкиор Ватле. Допатува во Скопје да испрати јасна порака-сите ќе бидете вратени назад. Никој нема да добие статус на бегалец.

„Никогаш нема да добиете статус на бегалци и по извесно време ќе морате да се вратите во вашата земја без да добиете каква било финансиска помош. Затоа не им верувајте на луѓето кои ви кажуваат нешто друго“.

Kind im Roma-Slum Shutka
Ромите во Шуто Оризари се жалат-живеат во сиромаштијаФотографија: DW

Некој манипулира со луѓето

Само за еден месец повеќе од 200 жители на Шутка побарале азил во Белгија. Тамошните власти се уверени дека луѓето се манипулирани. Некој им ветува дека ако се стекнат со статусот бегалец ќе добијат одредени економски бенефиции и парични надоместоци.

Градоначалникот на Шуто Оризари, Елвис Бајрам, вели дека не знае кој ги носи жителите од неговата општина во Белгија, но на гостинот од Брисел му вети дека ќе превземе се‘ за да го запре тоа.

„Јас како градоначалник треба да бидам многу спремен, граѓаните на Шуто Оризари, Ромите треба да бидат информирани, за да не може да мигрираат во државите“.

Во март годинава, само неколку месеци по укинувањето на визите за македонските граѓани, се случи првиот бран азиланти од Македонија. Беа вратени неколку стотици македонски граѓани кои во Белија заминаа од кумановско-липковскиот крај. Тогаш лично премиерот на Белгија Ив Летерм дојде во Скопје да побара од македонските власти поголема заложба за да се спречи иселувањето.

Досега Европската унија официјално не најави дека проблемот со азилантите може да биде причина за преиспитување на одлуката за укинување на визите, но во повеќе наврати европските политичари апелираа да не се злоупотребува визната либерализација.

Визната либерализација стапи на сила на 19 декември 2009 година. Граѓаните на Македонија можат да престојуваат најмногу 90 дена во Шенген зоната. Немаат право на подолг престој, ниту пак да бараат работа во ЕУ.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска