1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Некои чудни нови жители на Париз

С. Дерхаге/ С. Недевски9 ноември 2013

Париз долго време беше цврсто во рацете на возачите. Пешачки зони речиси и да немаше, а градот се гушеше во чад. Граѓаните започнаа да се бранат на изборните места и во градското собрание порасна влијанието на Зелените.

https://p.dw.com/p/1AAKZ
Фотографија: Fotolia/jovannig

Четирите еколошки косилки ги ангажира градот Париз. Овците се грижат тревата да остане кратка, и, за разлика од механичките косилки, не убиваат помали животни.
Овде се во акција на ливада непосредно до градскиот архив. Ги донесе директорката Агнес Масон, љубителка на животни, која од кадравите преживари очекува и нешто повеќе, освен кусо искосена трева и безбедни инсекти.
„Луѓето не знаат за нас бидејќи сме далеку од патот, а пристапот не е обележан со патокази. Така е сторено поради безбедносни причини. Овците сега служат за на луѓето да им покажат дека тука има зелена површина која може да се користи за излет, а ако се малку пољубопитни можат да ѕирнат во нашата сала за состаноци.“, вели Масон.
Париските овци не се обични домашни овци. Се одгледуваат тука, на фармата на градот Париз, заедно со одбрани видови крави и свињи. Станува збор за раса која речиси изумре, бретонската џуџеста овца.
Досега во Париз сите права ги уживаа автомобилите, а не, на пример, животните. Дури и брегот на Сена е асфалтиран за да може на него да се одвива сообраќај.

Загадувањето зафати толкави размери, што Парижани се побунија. На локалните избори голем број од нив гласаа за Зелените, далеку повеќе отколку што е вообичаено на парламентарните избори во Франција.
Претставниците на Зелените во Советот на градот му објавија војна на сообраќајот и доследно бараа повеќе површини со трева. Сега се гордеат и со првите успеси:
„Париз е посебен случај. Градот дури стана прибежиште за разни животни бидејќи земјоделските реони во околината се толку загадени со пестициди, што животните преферираат да се преселат во градот“ , вели Ив Кантасо, претставник на Зелените во градскиот совет на Париз

Frankreich Panorama über Paris gesehen von Notre Dame
Фотографија: Fotolia/Jose Ignacio Soto

На Парижаните се’ почесто во посета им доаѓаат првенствено лисиците. Главниот град на Франција е се' поатрактивен и за ретки животински видови, како мочуришните џуџести лилјаци.

Милитантните активисти за заштита на животни им префрлуваат на другите активисти дека се' уште не прават доволно и дури зборуваат за животни од прва и втора класа.
„Градската управа не сака мачки скитници. Пред неколку години во мојата населба ги имаше многу. Но потоа градот испрати шинтери и преку ноќ сите мачки исчезнаа, освен оваа, Мара, која ја спасив. Кога ќе се накотат премногу животни од еден вид, луѓето почнуваат да се плашат, особено овие во градското собрание.“, раскажува Женевив Рансон, заштитничка на животни.
Во градското собрание во Париз не сметаат дека се виновни и истакнуваат дека според концептот ниту еден животински вид не смее да доминира. Затоа за прв пат во градот се донесени сиви соколи кои би требало да избркаат дел од илјадниците гулаби во Париз.
На оџакот на градската топлификација двојка сиви соколи направила гнездо во кое во јуни се испилија млади. Тоа беше вистинска премиера.
Во Дејрол, една од најстарите компании за препарирање животни во светот, истакнуваат дека препарираните животни во Париз се повторно во мода и оти дизајнерите за ентериер се грабаат за нивните примероци.

Deutsche Welle MazedonischTV Sendung 74 Europanorama
Фотографија: DW

Во богатата збирка сепак недостасува бретонската џуџеста овца. Но, ова кадраво животно во моментов е потребно на друго место. И тоа - живо!