1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нели ти реков...

9 ноември 2017

Популистичката миопија од која боледува Заев е дар за освојување на власта, но и нож со две острици во рацете на партиските преторијанци, со богато искуство на мешетарење низ скопските коридори.

https://p.dw.com/p/2nMRj
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Речиси по команда, во неделата по преминот на зимско сметање на времето, одеднадеж дојде до безмалку синхрона согласност на песимистите и оптимистите дека носот им насетува нешто „кварливо“ во рецептурата на Зоран Заев за враќање на животот во Македонија. Секој со свои мотиви за разочараност - за некого дизелските денари, за другите обвинителските шаради, за трети превисоките, за четврти прениските затворски казни. Во таа распределба на улогите секој си имаше или си најде сопствен фактор, но занесени по плодовите на гневот, никој не ги согледува корените од кои истите никнуваат.

Но прво телеграфски збор-два за средината и атмосферата во која се одвива напливот на разочараност и депресија на следбеничката паства на владеачката коалиција. Постизборните резултати (такви, како што се изнудија) ја релаксираа анти-Груевистичката јавност од опасноста за негово скорешно враќање со пламен на одмазднички гнев. Груевски е скротен и припитомен, и судејќи по неговите беззаби штабско-партиски катадневни писанија, сосема задоволен со улогата на конгролабилен опозиционер. На надворешен план, апла игнорирањето на забелешките на Прибе и молкот на евроатлантските институции за пакостите на новата влада ја потврдуваат нивната намера да се прогледа низ сите антиреформски прсти во име на исполнување на задачата - промена на името.

Овие два елемента на динамиките на политичката сцена се доволни да се разберат причините за сегашната разочараност на јавноста од потезите на власта кои толку верно наликуваат на веќе видената прагма од минатиот режим. Но причините за разочараноста на јавноста не се доволни за објаснување на пизмата во пораст кај самите следбеници на владеачката партија и нивните веќе гласни негодувања кои речиси по команда испливаа на површина токму по, нели, долго очекуваниот „изборен триумф“ на СДСМ. 

Ослободувањето на СДСМ од загрозата Груевски ја релаксира партијата од тензијата и децениската фрустрација на изборен губитник. Но со нусефект кој се заканува долго акумулираната енергија, еднонаменски сплотено вперена во отпор кон Груевски, да се сврти во интерна, имплозивна енергија на раздор и судири во самата партија. Притоа оживувајќи ги дамнешните, подзаборавени белези на социјалдемократијата од времето на поделбата на аграрци и граѓани, денес олицетворени во новокомпониран евергрин во изведба на скопскиот легалистичко-елитистички клан под водство на Радмила Шеќеринска и народњачки флексибилниот популизам на Зоран Заев. Додека првиот цути во Скопје низ медиумските, интелектуалните и бирократски коридори, вториот метастазира ширум Македонија низ широките вмровски полиња на сончогледи, сивиот бизнис  и подземјето. Навидум парадоксално, во таа старо-нова линија на поделби и борба за доминација, единствените поштедени од реперкусии се ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. 

Од летен кон зимски третман на Заев

Медиумската молчаливост (и кулоарското беснеење) на скопскиот елитизам на кланот Шеќеринска траеше сѐ додека зависеше од популистичката привлечна моќ на идеолошкиот флексибилец Заев за обезбедување изборна победа. Но, штом бројките ја завршија работата, уследи (повторно, речиси по команда) медиумското парадирање низ скопските телевизии со внимателно дозирана критика кон институцијата СДСМ и широкоградо шамарање на предводникот Заев како маскота на пробојот на провинцијата во скопскиот атар на „елитата”. Очекувано, првата салва се испука низ гостувањето на Фрчковски на Телма (во манир на старите искуства од 90-тите против Црвенковски) за веднаш - ден потоа - да уследи и благоглаголивото, раскикотено и со софт-прашања пакираното интервју со Шеќеринска. Секогаш перцептивно за сублиминални пораки и политички инуенда, скопската полит-елитна братија прецизно го разбра враќањето на стрелките на часовникот, преминувајќи од продолжениот летен кон зимски третман на Заев и неговата камарила. Во тој премин секако послужи и ПР-дебаклот на младиот Министер за Финансии кој стана цел на (речиси по команда) изливи на згрозеност, шокираност, гнев и резигнација на скопската коментаторска елита. Истата, за која гневот за дизел-денарите на Тевдовски е порационален од милионските тендер-зделки на Анѓушев, како натпартиски бизнис љубимец на медиумската „прореформска“ фела.

Медиумскиот атак на довчерашните љубители на ликот и делото на Заев не би бил доволен за носење заклучоци за шизмата во СДСМ доколку не е проследен и со други примери од политичките заткулисни игри. Па така, јавноста фокусирана врз делата и неделата во однос кон преговорите со Грција, од чиј исход зависи членството во НАТО, останува без објаснување или анлиза за фактичката неактивност на Министерката за Одбрана во лобирање за (посакуваното?) членство. Забележително е нејзиното отсуство од релевантни настани организирани во регионот (Тирана, Љубљана), на кои се дебатира за НАТО и Западниот Балкан, ужасно тенкото портфолио на посети во центрите за одлучување во Вашингтон, Брисел, Анкара, Лондон, Берлин и сведена на иди-ми-дојди-ми дружбите со колегата Каракачанов од Бугарија. Единствено позбунувачки од таа мрзлива или програмирана инертност на Шеќеринска е (речиси под команда) отсутноста на медиумска критика и барање отчетност за нејзиното поведение и барање одговор - дали станува збор само за нејзината неактивност, или пак и за резерви од странските партнери? Дотолку повеќе што токму Шеќеринска станува новото лице на за ДУИ прифатливата СДСМ, судејќи според нејзините сѐ поблиски односи со некогашното про-ВМРО крило на интегративците и традиционалната испостава на СДСМ во Речица, Теута Арифи. Со нив ја споделуваат споната на долго искуство и длабоко знаење за механиките, тактиките и стратегиите на бирократијата на владеење и политичко преживување. Елем, најслабата точка на кланот на Заевизмот.

Природата на ѕверот

Дали лежерниот однос на Шеќеринска кон лобирањето за НАТО е и причината за последните неразбирливо пасивни изјави на Заев во врска со процесот на решавање на името, како што беше онаа дадена за Сител, во која Премиерот најавува дека „Нимиц и не мора да се сретне со него и Никола Димитров, туку само со преговарачите”. И по таа линија на толкување на ретерирање во динамиката, дали таа изјава беше повод за Хојт Ји да потсети дека „расположението во Грција и Македонија е на највисоко ниво“, дискретно подвлекувајќи ја адресата на одговорноста за преземените обврски. Се разбира, кон успех ориентираниот Хојт Ји секако нема време да се занимава со интрапартиските интриги на селектираните реформисти, но не може да биде и неинформиран за реперкусиите од претстојниот временски теснец во кој ќе се одвиваат преговорите за новото име, новиот претседател и предвремените избори, на кои треба да се потврди или поткопа новото водство на СДСМ.

За волја на вистината, би било наивно и будалесто во ова држ-не-давај нововековно издание на сплеткарења како ендемска природа на СДСМ, премиерот Заев биде сметан или прогласен за невина жртва на скопската медиумска, академска и политичка кремљологија. Дотолку повеќе што Заев навреме беше предупредуван за природата на ѕверот кој сака да го јавне. Популистичката миопија од која боледува Заев е дар за освојување на власта, но и нож со две острици во рацете на партиските преторијанци, со богато искуство на мешетарење низ скопските коридори на интригите уште од времето кога Заев дебатирал со Господ низ муртинските ниви. Предоцна е за потсетување, за „нели ти реков“-предупредувањата кои навреме му беа упатувани додека занесено се фаќаше на оро. Времето ќе покаже дали во тоа ќе одигра цупкајќи весело како „Маруше боса по роса“, или пак елегично пое како „моме Донке”. За тие пусти пари.    

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач