1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема аболиција за Јован

Горан Петрески30 мај 2006

Македонскиот претседател, Бранко Црвенковски нема да го помилува Вранишковски, бившиот владика Јован, кој треба да одлежи уште една година затвор поради финансиски малверзации.

https://p.dw.com/p/Addq
Фотографија: BilderBox

До кабинетот на шефот на македонската држава сеуште не стигнало официјалното писмо од Светиот архиерејски сабор на Српската православна црква, во кое се бара аболиција на Јован Вранишковски. Српските владици барањето го објавија на веб-страницата на СПЦ, по завршувањето на неколкудневниот сабор. “Престедател на држава може да даде целосна аболиција на осудено лице, само доколку тоа е од државен интерес“, го цитираше Црвенковски уставот:

“Институтот аболиција е воспоставен и дефиниран во уставот на Република Македонија, за да се примени кога ќе се процени дека постои целисходност и корисност за Република Македонија.“

Ваквиот став на Црвенковски не се очекува да предизвика заладување на односите меѓу српската и македонската државна власт. Тоа не се случи ниту кога изби скандалот за директната финансиска помош за Вранишковски од страна на српската влада. Непосредно по признанието на српската влада дека ја финансира нерегистрираната Охридска архиепископија на Јован во Македонија, Црвенковски го посети Белград. Челниците на двете држави и тогаш ја потврдија определбата за секуларни уредувања и за немешање во црковните работи. Македонската православна црква деновиве на седница на синодот ќе заземе став во однос на последните одлуки на српската црква. За овдешната јавност остана енигма – како Јован стигнал во Белград и присуствувал на заседанието на највисокиот орган на српската црква. Македонскиот пасош му е одземен од судот поради затворската казна. Православната Охридска архиепископија на Вранишковски е дел од српската црква, која автономно делува на територијата на Македонија. Тој очекува да биде призната со новиот закон за верски заедници и религиозни групи, но актуелната власт во Македонија донесувањето на законот го остави за по изборите.