1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема алтернатива за евро-атлантската интеграција на Западниот Балкан

Нада Штајнман3 мај 2008

Во нацрт- завршниот документот што претседателите ќе го усвојат на крајот на самитот запишано е дека процесот на евро-атлантски интеграции нема да се смета за завршен без целосно приклучување на земјите од Западен Балкан

https://p.dw.com/p/DsuQ
Салата во која се одржуваат работните средби на самитот во ОхридФотографија: Petr Stojanovski

Процесот на евро - атлантска интеграција не може да биде прекинат без целосно вклучување на земјите од Западниот Балкан. Ова треба да стои во завршниот документ што денеска ќе го донесат претставниците на 19-те земји учеснички на самитот.

„Во европскиот дом треба да има место за сите“, рече домаќинот, претседателот Бранко Црвенковски. И покрај напорите од земјите во регионот може да се констатира дека Западниот Балкан не е конечно стабилизиран, нагласи тој.

„Република Македонија како непосреден сосед е силно заинтересирана на својата северна граница да има трајно стабилна состојба и искажуваме целосна подготвеност да дадеме сопствен придонес во остварувањето на таа цел.“

Српскиот претседател Борис Тадиќ ја појасни позицијата на неговата земја по ова прашање:

„Значи, ние како земја и јас како Претседател не ја прифаќаме еднострано прогласената независност на Косово и во согласност со тоа се’ она што сегашните институции во Приштина го договараат со било кого, во овој случај со Македонија, за нас се правно неважечки. Тоа е проблем за Македонија, но Србија не може да се откаже од својот став“, рече Тадиќ.

Но, тоа не значи дека Србија не посакува стабилни односи со сите соседи, подвлече српскиот Претседател. Неодамна потпишаната Спогодба за стабилизиација и асоцијација со ЕУ претставува значаен чекор на Србија за зачленување во Унијата.


Проширувањето на ЕУ мора да продолжи


Речиси сите држави учеснички на самитот во Охрид се согласни дека проширувањето на ЕУ мора да продолжи. Претседателот на Република Словенија, Данило Турк е на мислење дека ЕУ може да биде успешна како глобален играч само ако кандидатите на ЕУ бидат вклучени во процесот. Во никој случај не треба да се дозволи Балканот да остане „црна дупка“ на европската карта. Македонија веќе има статус на кандидат и ужива голема поддршка, порача Турк. Спорот околу името може да биде решен со компромис, оцени Претседателот на Словенија, која до крајот на јуни претседава со ЕУ.

„Тоа прашање е долго време предмет на преговори и по моја оцена тие се стигнати далеку. Се знаат и алтернативите за кои ќе биде потребен договор. Најзначајно е да се прифати дека двете држави треба да постигнат чесен и разумен компромис. Таа идеја мора да ја прифатат двете страни. Тука морам да и’ одадам признание на Македонија дека стигна многу далеку. Сакам двете земји што побргу да постигнат компромис.“


Ѓул: нема алтернатива за интеграција во ЕУ и НАТО


За земјите кандидати и аспиранти не постои алтернатива за интеграција во ЕУ - ова е мислење на почесниот гостин на самитот во Охрид, турскиот Претседател Абдула Ѓул. За надворешната политика на Турција обезбедувањето мир и стабилност во регионот на ЈИЕ игра важна улога. Тоа може да се постигне со завршување на процесот на интеграција на овие земји во ЕУ и НАТО.

„Како што знаете Турција настојуваше да се изгради обединета Европа. Веруваме дека евентуалното членство на Турција во ЕУ би можело да биде од голема важност за ЕУ, за таа да се трансформира во глобален играч.“


Завршната декларација од средбата


Инаку во Охрид претседателите во завршниот документ ќе ги остават и своите размисли за унапредување на стопанството и справување со кризите во снабдувањето со енергија. Добри проекти и инвестиции можат бргу да го унапредат Западниот Балкан.

Охрид прекрасно ги пречека високите гости. Времето беше како измислено за ваква средба. Како претседателите, така и некои од нивните сопруги, имаа два дена во природа да се наполнат со енергија и да добијат нови идеи за надминување на кризите во ова глобално, модерно време.