1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема вешти измамници, туку наивни граѓани

Катерина Блажевска31 јули 2013

МВР апелира граѓаните да не веруваат во ветувања за лесни зделки и ги повикува пред да прифатат било што, да се консултираат со овластени лица или адвокат

https://p.dw.com/p/19HWR
Фотографија: picture-alliance/CTK

Луксузен стан за 400 евра по квадратен метар, работа во Дубаи, бесплатен одмор во егзотична дестинација, сигурна добивка од 50.000 долари со уплата на 50 долари, донирање злато како замаец за сигурна и среќна иднина, за мајчинство, здравје... Голема е понудата на измамниците, а македонските граѓани не стекнаа имунитет за одбрана од нив и покрај богатата историја на измами и со пирамидални штедилници и со лажни договори за работа во земјата и во странство. Дали се толку вешти измамниците или се наивни граѓаните? Психологот Лидија Попчева, вели дека оние што им веруваат на лагите на измамниците се лица со некритички однос кон реалноста.

„Тие ги прифаќаат луѓето без претходна проценка, со голема доверба во нив. Многу од нив може да се опишат како зависни и сугестибилни личности. Механизмите на одбрана им се ослабени, со намален степен на самозаштита и претпазливост. Се одликуваат со импулсивност без рационален увид и контрола во ситуацијата", објаснува Попчева.

Се срамат да пријават измама

По неколкуте афери со двојна и тројна продажба на исти станови, Министерството за транспорт неколку пати го смени Законот за градење, со кој наметна зајакната контрола на градителите. Но, секогаш не е во прашање присуството на контролата од надлежните, колку отсуството на самоконтролата кај граѓаните. Се чини дека таа е изгубена во прилично голема мерка, штом фризерка успеа да продаде повеќе станови од агенциите за недвижности, а невработена жена од позиција на „генерал" масовно да „вработува" во НАТО. Исцелителите и гатачите добија пресилна конкуренција. Полициските билтени се полни со пријави за разни измами, потврдува Иво Котевски, помошник на министерот за внатрешни работи, за односи со јавноста.

Symbolbild Handschellen
Полициските билтени се полни со пријави за разни измамиФотографија: Fotolia/Aamon

„Бројот сигурно е и поголем, но, дел од измамените се срамат да ги пријават случаите во полиција. Особено кога не веруваат дека ќе ја надоместат штетата, па проценуваат дека со молчење барем ќе се спасат од потсмев од околината", вели Котевски.

Според Попчева, долгата транзиција и економската криза се многу плодно поле за измамници кои вешто манипулираат со напатени и емоционално истрошени граѓани.

„Но, секоја личност не дозволува да биде понесена од вештите лаги на криминалците. Без разлика на големата одговорност што ја има државата да ги заштити граѓаните од измамници, секој поединец носи лична одговорност за своите постапки, одлуки и за последиците од нив", посочува таа.

Следбеници на Лустиг

Кога желбата за матна и брза заработка ќе наиде на доверба и наивност од другата страна, исполнети се условите за создавање на односот измамник - жртва. Виктор Лустиг, човекот кој во 1925 година претставувајќи се како владин службеник, успеа да му ја „продаде" Ајфеловата кула на трговец со старо железо, денес има многу следбеници во Македонија. Професор д-р Аница Драговиќ, од Институтот за социологија вели дека причините за ваквите појави црпат енергија од актуелниот миг.

„Времето во кое живееме е се повеќе време на несигурност, криза во сите сфери на општественото живеење и економското делување, отколку време на стабилност, благосостојба, па и верба. Во таква ситуација човекот го губи чувството на сигурност и многу често се чувствува беспомошен. Се повеќе е убеден дека државата, односно одговорните институции или политичари немаат сериозен пристап кон секојдневието, а со тоа и кон решавање на неговите проблеми. Она што смета дека му преостанува, е да се снајде сам. Да изнајде некој алтернативен начин, за кој смета дека е полесен, подостапен и пореален за решавање на неговиот проблем и така да го најде излезот од неизвесноста", вели Драговиќ.

Zensus in Mazedonien
Од МВР ги повикуваат граѓаните да се консултираат со полицијата во ситуации кога не се сигурни што им се нудиФотографија: DW

Превентивни консултации

Според истражувања спроведени во САД, повозрасните лица прават помала проценка на ризикот и опасностите, за што сведочи и податокот дека просечната возраст на измамени е 69 години. Во Македонија нема податоци која е просечната возраст на жртвите на измама, но од МВР ги повикуваат граѓаните да се консултираат со полицијата во ситуации кога не се сигурни што им се нуди.

„Апелираме до граѓаните да не веруваат во разни ветувања и приказни за лесни зделки и ги повикуваме пред да прифатат било што, да се консултираат со овластени лица или адвокат", порачува Котевски.