1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема веќе мачење во име на слободата

4 мај 2009

Какви се ставовите на владата на Обама за методите за измачување во борбата против тероризмот од минатото, но и за во иднина? Темата е многу покомплицирана, отколку што звучеше во предизборната кампања на Обама.

https://p.dw.com/p/HjJ2
Прекршувавме меѓународни договори, признава поранешен агент на ЦИАФотографија: AP/DW

Френ Таунсент е запрепастена. За поранешната советничка за државна безбедност во владата на Буш, објавувањето на меморандумите за методите на измачување е голема грешка. Роберт Бајер, пак, не е воопшто потресен. Тој работел за ЦИА дваесет години и тоа во многу проблематични држави низ светот. Тој смета дека владата на Обама треба да обелодени уште повеќе документи за измачувањата, спроведувани од американската тајна служба. „Прекршувавме меѓународни договори. Во моментов американска новинарка седи во затвор во Техеран. Што би ги спречило Иранците да го употребат методот „симулирано давење“, се` додека таа не признае дека навистина е шпион?“, се прашува Бајер.

Со недели оваа тема се наоѓа на насловните страници. Телевизиите како ЦНН, МСНБЦ или Фокс секојдневно покануваат гости во студио, разни експерти, политичари или идеологисти. Луѓе како Ричард Кер, на пример. Тој работел како заменик-директор на ЦИА во времето на првиот претседател Буш и бил задолжен да ја брани правната држава во САД. Тој смета: „Ако стојам пред одлуката да спречам терористички напад како оној од 11. септември со користењето на, да ги наречеме „екстремни методи“, тогаш би го сторил тоа. Како претседател би го сторил тоа, како шеф на ЦИА би го препорачал. За доброто на сите“.

На агентите им велеле дека тоа што го прават е добро

Menschenrechtsaktivisten gegen Waterboarding
Контроверзното „симулирано давење“ што го спроведувале агенти на ЦИАФотографија: picture-alliance/ dpa

Самиот претседател Обама, пак, зазема јасна позиција за темата измачување: „САД не измачуваат! Вечерва ја искажуваме оваа јасна определба.“

Меѓутоа, Обама не зазема јасна позиција за тоа, дали оние што ги спроведувале мерките на тортура треба да бидат повикани на одговорност. Тој се изјасни само за една работа: вработените во ЦИА што го практикувале методот „симулирано давење“ не треба да се изнесуваат пред лицето на правдата. Неговиот аргумент: Министерството за правда во владата на Буш на овие агенти им ставило до знаење дека тоа што го прават е легално. Но, во овој случај, дали не треба да им се суди на правниците што ги одобриле овие мерки, кои најверојатно го прекршуваат државното и меѓународното право? Првиот одговор на Обама гласеше: Не! Но, неколку дена подоцна, и самиот почна да се двоуми: „Сметам дека тоа е одлука што треба да ја донесе Министерството за правда, не би сакал однапред да проценувам“, изјави подоцна Обама.

Грешките се сторени, но што може да се научи од нив?

Gefolterter Iraker Tag der Menschenrechte Folter
САД не измачуваат, порача ОбамаФотографија: dpa

Но, претседателот уште сега мора да ги слуша критиките од Републиканците, дека со ова наводно се поткопува безбедноста на САД, дека му наштетил на имиџот на земјата и пред се`, ја ослабел позицијата на тајната служба. Во секој случај, засега нема индикации дека агентите на ЦИА имаат нешто против одлуката на Обама. Кога тој ја посети централата на тајната служба во Ланглеј, беше пречекан со овации, а неговата порака до тајните агенти гласеше: „Не дозволувајте случувањата од минатата недела да ве обесхрабрат. Дури ни тоа што мораме да признаеме дека САД направиле и некоја грешка. Од тоа ќе научиме“.

Но, прашањето е: дали агентите на ЦИА и јавноста сакаат да научат нешто од овие грешки? Уште долго ќе треба додека се одговори на ова прашање.

Автор: Јенс Борхерс / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска