1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема веќе непоразени во Бундеслигата

8 март 2010

Нема веќе непоразени екипи во германската фудбалска Бундеслига. По 25-то коло Бајерн се зацврсти на чело на табелата, додека Шалке се искачи на втората позиција по киксот на Бајер Леверкузен.

https://p.dw.com/p/MMsA
Поразот од Нирнберг значеше и пад на третото место за ЛеверкузенФотографија: AP

Бајер Леверкузен го загуби првиот натпревар сезонава, а со него и втората позиција на табелата во Бундеслигата. Леверкузен беше поразен на гостувањето кај Нирнберг со 3:2 и падна на третото место, тренерот Јуп Хејнкес им упати честитки на противниците.

„За нас е ова секако еден тежок пораз. Тоа е јасно. Но, комплименти и за Нирнберг. Тимот прикажа борбена претстава, беа фудбалски подобри и заслужено победија.“

Во вториот неделен натпревар, Мајнц на македонскиот репрезентативец Николче Новески како гостин го соВлада Хофенхајм, со минимални 1:0. Младиот германски репрезентативец Еуген Полански изјави дека многу му се израдувал на победничкиот гол на Бансе.

„Мислам дека игравме добар фудбал, го контролиравме поседот на топката и игравме напаѓачки. Затоа голот не беше случаен.“

Fußball Bundesliga Köln München
Лукас Подолски конечно постигна гол за КелнФотографија: AP

Во саботата, лидерот на табелата Бајерн Минхен успеа да извлече само бод од гостувањето кај Келн. Подзаборавениот Лукас Подолски постигна гол за водство против неговиот некогашен тим и ја прекина неславната серија од 1421 минута без постигнат погодок. Тренерот на Келн, Звонимир Солдо смета дека резултатот од 1:1 бил реален одраз на натпреварот.

„Бајерн е секогаш посебен противник. Во првите десет минути имавме проблеми, но потоа постепено се вративме во играта. Како тим игравме подобро во првото полувреме, додека во вториот дел бевме под силен притисок. Во одредени ситуации имавме и среќа, но се‘ на се‘, мислам дека нерешениот исход е правилен“.

Шалке профитираше најмногу

Победник на колото се чини е екипата на Шалке која ги потврди своите амбиции за титулата и се искачи на второто место на табелата. Шалке го совлада Ајнтрахт, нагости со 4:1. Сепак, тренерот Феликс Магат не сакаше да размислува за шампионските амбиции на неговиот тим.

„Ни‘ претстојат натпревари против Штутгарт, Леверкузен, Хамбург и Бајерн и тоа се најтешки можни натпревари во оваа сезона. Затоа е добро што од ова гостување се враќаме со победа. Но, дури откако ќе минат тешките натпревари ќе можам да коментирам каде сме и во кој правец треба да се ориентираме.“

И покрај слабата игра, Хамбург успеа на домашен терен да ја совлада Херта со 1:0 и да се зацврсти на четвртото место на табелата. За Херта ова беше 16-от пораз сезонава и тимот останува закован за дното на табелата со само 15 освоени бодови.

По малата криза и четирите порази во последните пет натпревари, и Борусија Дортмунд се врати на победничките патеки по триумфот над Менхенгладбах од 3:0. Дортмунд е сега на петтото место на табелата, со 42 бода, само еден помалку од четвртопласираниот Хамбург и цели 11 од лидерот Бајерн.

Штутгарт ја прокоцка предноста против Вердер

Дербито на колото се одигра во Бремен, каде Вердер и Штутгарт ги поделија бодовите играјќи 2:2. Штутгарт водеше со 2:0 уште на полувремето, но ја испушти предноста во последните 15 минути од мечот. На табелата двата тима се еден зад друг на 6-то и 7-то место, со четири бода предност за Вердер.

Fußball Bundesliga Freiburg Hannover Flash-Galerie
Фудбалерите на Хановер ја прекинаа црната серијаФотографија: AP

Актуелниот првак Волфсбург ја забележа и третата победа едноподруго и конечно стигна во горниот дел од табелата. Жртва во саботата беше тимот на Бохум кој беше прегазен со 4:1.

По 13 натпревари без победа, конечно малку радост и за фудбалерите на Хановер. Тимот очигледно беше во шок по смртта на Роберт Енке, но позитивната атмосфера полека се враќа по успехот нагости кај Фрајбург од 2:1. Тренерот Мирко Сломка беше презадоволен со резултатот со кој тимот ги задржува шансите во борбата за опстанок во лигата.

„Среќен сум што сега тимот со позитивни чувства ќе може да дојде на утринскиот тренинг, а можеби ќе видиме неколку насмеани лица и попат. Ова е многу важен резултат, за нас, за клубот и секако за навивачите. Иако не игравме толку добро како минатата недела, сепак дојдовме до резултатот кој го посакувавме“.

Токму Хановер и Фрајбург ги делат претпоследните две места на табелата кои водат во понизок ранг, со по 20 бода, а пред нив е Нирнберг со 21 освоен поен.

Резултати 25. коло: Нирнберг – Бајер Леверкузен 3:2; Хофенхајм - Мајнц 0:1; Келн - Бајерн 1:1; Ајнтрахт – Шалке 1:4; Фрајбург – Хановер 1:2; Хамбургер – Херта 1:0; Вердер – Штутгарт 2:2; Волфсбург – Бохум 4:1 и Борусија Дортмунд – Борусија Менхегладбах 3:0.

Автор: Арнулф Бочер / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска