1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема грчко маслиново масло во германски супермаркети

Панајотис Купаранис / Александар Методијев16 декември 2012

Иако има подобар квалитет, грчкото маслиново масло тешко може да се најде во германски супермаркет. Затоа италијанското, кое има додатоци за подобрување на квалитетот и вкусот, се меша со грчкото масло.

https://p.dw.com/p/16hqj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со учество од 70 проценти италијанското маслиново масло има монополска позиција на германскиот пазар. На соодветните шпански и грчки производи отпаѓаат околу 10 проценти. Тоа не е праведно во однос на квалитетот на грчкото маслиново масло, вели Јоханес Ајзенбах, координатор на мрежа од околу 1.000 мали и средни земјоделски органски фарми во Грција и на Кипар.

Tagung Hanns-Seidel-Stiftung Förderung griechisches Olivenöl
Јоханес АјзенбахФотографија: DW

На состанок на фондацијата „Ханс Зајдел“ на островот Лезбос тој презентираше информација дека италијанското масло се меша со грчкото, за да го достигне квалитетот и вкусот на грчкото маслиново масло, а тоа е неопходно за да може да се продава во германските супермаркети. На тој начин италијанските трговци прават добра зделка – тие купуваат грчко маслиново масло за само 1,70 евра за литар, а го препродаваат за многу поскапо.

„Грчките производители и задругите не би требало во период од четири години да продаваат маслиново масло на италијанските откупувачи. Само така Грција би можела, под конкретни околности, да комерцијализира 20 проценти од грчкото маслиново масло“, смета Јоханес Ајзенбах.

Сепак, тој признава дека ваквото радикално решение е тешко спроведливо. Многу пореално е компаниите самите да имаат пристап до германскиот пазар. Од италијанските дистрибутивни компании може да се научи дека тие со децении соработуваа со големите синџири на германски супермаркети и така стекнаа доверба, која се базира на гарантирани датуми за испорака, фиксни цени и договорен квалитет на маслиновото масло.

Bildergalerie Viola Oliven Farm in Sant Eraclio in Umbrien
При бербата на маслинките многу малку се користат машини и транспортот на маслото до Западна Европа трае долгоФотографија: Viola

Еден недостаток на грчкото маслиново масло е фактот дека за негово производство и транспорт трошоците се повисоки отколку за италијанското. Маслиновите насади често се намалуваат, а користењето на машини при бербата е речиси невозможно. Повисоките трошоци се и поради подолгиот транспорт кон Западна Европа.

Грчките земјоделци сега сакаат да одат на специјализирани семинари за да применат специфични производствени методи, да ги подобрат стандардите за квалитет и да не користат пестициди.

Можности за грчкото маслиново масло на германскиот пазар

Tagung Hanns-Seidel-Stiftung Förderung griechisches Olivenöl
Бастијан ЈорданФотографија: DW

Пред повеќе од 20 години фамилијата на Бастијан Јордан се населила во Грција и започнала со производство на маслиново масло, кое го продава на германските ресторани. Фамилијата досега не се обидела да го продава своето масло во супермаркетите. Таква шанса ќе има ако повеќе грчки производители се здружат и гарантираат за квантитетот и квалитетот на маслото.

„Ние продаваме само екстра квалитетно природно маслиново масло, а исто така и маслиново масло од највисока класа“, објаснува Бастијан Јордан.

Потребно е едуцирање на потрошувачите, а за тоа треба време. Употребата на маслиновото масло во Германија е релативно мало – годишно по лице се употребуваат само 0,85 литри. Постои ушто многу простор за подобрување на ваквата состојба, верува произведувачот на масло.