1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема да биде обжалена одлуката за притвор на Рамковски

Sime Nedevski26 декември 2010

Адвокатот на Велија Рамковски и на другите управители од случајот „Перо Наков“ нема да поднесе жалба на решението за притвор. Распишана и интерна потерница по синот на сопственикот на А1, Хеди Рамковски

https://p.dw.com/p/zpuo
Фотографија: Petr Stojanovski

„Не верувам дека кривичниот совет ќе ја уважи жалбата, не верувам во институциите, со тоа само би им го пролонгирал притворот на луѓето. По се’ што се случи не верувам дека жалбата ќе се уважи“ вели адвокатот Мирослав Вујиќ. За него не е во ред и тоа што во судот за време на исказот се појавила и претседателката на Основниот суд.

Потерница по Хеди Рамковски

Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи распиша интерна потерница по синот на Велија Рамковски, кој се уште е недостапен за истражните органи. Потерницата е распишана бидејќи полицијата имала оперативни сознанија и информации дека лицето по кое што се трага се уште се крие на локации низ Македонија.

Освен по Хеди Рамковски полицијата трага и по другите странски државјани кои беа опфатени со кривичната пријава за случајот „Пајажина“, а се во бегство.

Истражниот судија синоќа пред полноќ по десетчасовен распит им одреди триесетдневен притвор на 14 од осомничените меѓу кои и на сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски, неговата ќерка, директорката на А1 телевизија, како и поранешниот директор на телевизијата. Притвор во отсуство му беше одреден и на неговиот син и на уште четворица странски државјани.

Политичка пресметка?

Во петокот осомничените беа пренесени во истражниот затвор во Шутка. Дел од притворените се бранеле со молчење, а дел дале исказ пред истражниот судија. Во акцијата која што полицијата ја нарече „Пајажина“ се осомничени вкупно 23 лица. Тие се сомничат за злосторничко здружување, даночно затајување, перење пари. Според органите на прогонот, десет фирми нелегално заработиле околу 18 милиони евра, а со неплаќањето данок државниот буџет го оштетиле за околу 4 милиони евра.

NO FLASH Fernsehsender TV A1 Mazedonien
Зградата на А1 телевизија во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Во А1 телевизија но и некои експерти во Македонија пак инсистираат дека актуелниот случај е политичка пресметка на власта со телевизијата и нејзиниот „непослушен“ сопственик.

Автор: СН/БГ/макфакс/а1

Редактор: Борис Георгиевски