1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

310811 IFA Berlin

8 септември 2011

Компјутерите имаат димензии колку една тетратка, смартфоните се конзоли за игри, фотоапарати, компјутери и телефони во едно - меѓународниот саем за електроника и телекомуникации - ИФА, докажа дека браншата се развива.

https://p.dw.com/p/12TmE
Фотографија: picture alliance/dpa

Индустриските држави се високо задолжени, еврото и доларот покажуваат слабости, светските берзи се несигурни - дали на повидок е нова економска криза? Посетителите на Меѓународниот саем за електроника и телекомуникации - ИФА, кој се оддржа од 2 до 7 септември во Берлин, не си поставуваа вакви прашања. На саемот со 1300 излагачи беше неопходно да се изградат нови привремени хали и шатори за да се презентира се‘ што се нуди, на површина од 140.000 квадратни метри. Соодветно на тоа, оптимистичка е проценката на членот на Надзорниот одбор на Друштвото за потрошувачка и комуникациска електроника, Ханс-Јоаким Камп.

„Потрошувачката електроника и апаратите за домаќинство се најгоре на листата на потрошувачите. Неодамна беше спроведена една анкета околу тоа како би се однесувале Германците доколку се влоши потрошувачката клима. Одговорите гласеа - прво ќе се штеди на патувања, а потоа ќе се штедат нешто помалку пари, но нема да се штеди на производи од потрошувачката електроника.“

Најзаслужни за подемот се смартфоните и таблет-компјутерите

Изразено во бројки, меѓутоа, сликата за иднината на браншата не е толку оптимистичка. Годинава се смета со зголемување на обртот на средства од околу четири проценти, или во бројки вкупен обрт од околу 27 милијарди евра, но плусот оди пред се‘ на контото на смартфоните и на таблет-компјутерите. Во браншата водечката продажба на телевизори со рамен екран, одамна не е како во последните две години. Камп тоа го образлага со фактот дека во 2011 година нема големи спортски настани. Импулс не дава веќе ниту ХДТВ-техниката, која го зголемуваше приходот од продажба на телевизори со рамен екран.

Ideenklau-Streit von Apple und Samsung
Фотографија: picture alliance / dpa

Продажбата на техника за гледање телевизија во 3Д (три де), што минатата година беше прославено како мега-тренд, оди слабо. Освен тоа, браншата се бори со пад на цените. Просечната цена на еден телевизор со рамен екран сега изнесува 610 евра, или осум проценти помалку од минатата година. Сепак, Камп и натаму гледа шанси за оваа индустрија:

„Во германските домаќинства се‘ уште има повеќе од 20 милиони стари телевизори, а треба да се заменуваат и телевизорите кои и‘ припаѓаат на првата генерација апарати со рамен екран. Кога зборуваме за претопување на телевизијата и интернетот, годинава во Германија ќе се продадат околу пет милиони интернет-телевизори. Тоа е она што ќе ја поттикне продажбата.“

Главно е да се штеди струја

Браншата вложува големи надежи во продажбата за време на божиќните празници. Трговијата прави нарачки на ИФА, и тоа не само во делот на потрошувачка електроника, туку и апарати за домаќинството. Комфор, лајфстајл, дизајн - тоа се трендовите кај апаратите. Но, уште поважна е темата заштеда на енергија, вели Камп:

Kühlaggregat mit Multimedia-Talenten
Фотографија: Messe Berlin Gmbh

„Во германските домаќинства се‘ уште има десет милиони фрижидери кои се постари од десет години. Ако потрошувачите се натераат да ги заменат таквите апарати, тогаш заштедата на енергија ќе изнесува колку вкупната потрошувачка на струја во Португалија.“

Во иднина апаратите за домаќинство ќе можат да препознаваат која струја е евтина и ќе се вклучуваат автоматски. Ваквата техника, меѓутоа, има и свои граници - кој во едно повеќечлено семејство е биде одушевен од овој новитет, ако машината за перење кај соседите среде ноќ се вклучува на центрифуга?

Автор: Сабине Кинкарц / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски