1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема договор за кризата во САД

13 јули 2011

Ниту третата средба во последните три дена на политичкиот врв на власта и опозицијата во САД не донесе решение за излез од заканувачкиот финансиск колапс. Позициите на двете партии не се ни блиску до компромис

https://p.dw.com/p/11tyV
Фотографија: AP/DW

Високозадолжените земји од Европа не се единствените што се соочуваат со финансиски потешкотии. Во должничката криза во САД фронтовите меѓу опозициските Републиканци и Демократите на претседателот Барак Обама и натаму се заоструваат. Третата средба во три дена во Белата куќа не донесе резултат, нови преговори се закажани за денеска. Американскиот претседател предупреди дека може да дојде до прекин на исплаќањето на пензиите или примателите на државна помош од наредниот месец.

Без да биде подигната границата за долговите пред 2 август, американската влада нема да може веќе да гарантира подмирување на трошоците, изјави претседателот во интервју за телевизијата СиБиЕс. Обама ги повика двете партии да соработуваат. „Ова не е проблем на Демократите или на Републиканците. Ова е национален проблем кој мора да биде решен“, изјави претседателот.

Американскиот Конгрес со месеци спори околку подигнувањето на законскиот лимит за долгови, кој во моментов изнесува 14,3 билиони долари. Оваа граница беше достигната уште во мај, меѓутоа Вашингтон успеа да добие на време. Подигнувањето на границата мора да ја одобрат Сенатот и Претставничкиот дом. Доколку преговорите пропаднат, на САД им се заканува банкрот со несогледливи последици за финансиските пазари.

Автор: АТ/дпа/дв

Редактор: Борис Георгиевски