1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема играње со опасните играчки

4 јуни 2011

Невладините организации во Македонија предупредуваат: во промет има најмалку триесетина играчки, чии супстанци се штетни по здравјето на децата. Што можат да предизвикаат и како да се препознаат?

https://p.dw.com/p/11UDF
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Детските играчки во ниту еден момент не смеат да го загрозат здравјето и безбедноста на децата. Согласно законската регулатива, тие треба да имаат соодветни хемиски, хигиенски, физички, механички својства, но и да бидат дизајнирани и изведени на начин, на кој ризикот од физичка повреда би бил сведен на минимум. Toa значи дека не смеат да бидат шилести, со димензии кои ќе спречат голтање, без својства на запаливост и вдишување штетни материи и оштетување на кожа или слузокожа.

Да се внимава на фаталитите

Македонската невладина организација Центар за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ во неодамнешното истражување откри дека низ македонските продавници се продаваат триесетина опасни играчки, кои се забранети дури и од Европската комисија, бидејќи содржат штетни хемикалии, кои многу опасно делуваат по здравјето на децата. Резултатите од нивното истражување за штетните играчки можат да се најдат на интернет-страницата www.toxic.mk. Станува збор за играчки, во чиј состав има бројни хемикалии, од кои посебно опасни се фаталатите, хемиска супстанција што се користи за стврднување на пластиката, а е мошне опасна по здравјето на децата, нагласува Драгана Угуровска од „Еко-свест“:

„Тие се многу испарливи, бидејќи не се сврзуваат цврсто со пластиката и испаруваат лесно во воздухот и потоа се абсорбираат во организмот. Тие имаат низа негативни влијанија, како на пример врз ендокриниот систем, кај машките деца особено влијаат на редукција на сперматозоидите, а се претпоставува дека можат да предизвикаат и рак на црниот дроб.“

Flash-Galerie Playmobil
На етикетата мора да стојат детални информации за играчкатаФотографија: AP

Од Државниот санитарен и здраствен инспекторат, пак, велат дека освен редовните инспекции, спроведуваат и дополнителни месечни контроли. Раководителот, Д-р. Љубица Гиачо, тврди дека во македонската трговска мрежа нема небезбедни играчки. „Од испитувањата извршени во Институтот за јавно здравје во Скопје во периодот 2009-2010 како и првото тримесечје од 2011 година може да се заклучи нека не постоел здраствен ризик за децата од користењето на детските играчки. Неисправните детски играчки се уништени, односно вратени на земјите-извозници, а во прометот се вршат постојани контроли за безбедноста на истите“, нагласува Д-р. Гиачо.

Како да се препознаат опасните играчки

Прво и многу важно е да се провери декларацијата, а ако нема или има многу малку податоци - тоа е сомнителен производ. Треба да пишува од каде е, со детално појаснување на составот и процентуална изразеност на сите хемикалии. Треба да се избегнуваат играчките со силна миризба, предупредува Угуровска: „Миризбата доаѓа од самите хемикалии што испаруваат и многу лесно навлегуваат во организмот.“

Но, во Македонија законската регулатива не е докомплетирана за да се заштитат децата од опасните играчки, критикуваат невладините организации. „Мислам дека треба да се преземат построги мерки, особено за одредени хемикалии, што во ЕУ се потполно забранети“, нагласува Угуровска од „Еко-свест.“

Според надлежните институции, кон крајот на минатата година бил донесен правилник, базиран врз европски директиви и регулативи. До средината на годинава се очекува да биде ратификувана и РИЧ регулативата на Европската унија за регистрација, евалуација, авторизација и рестрикција на хемиски супстанции. Со неа значително ќе се олесни испитувањето за хемиските супстанции и нивното влијание врз здравјето на човекот и животната средина.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Трајче Тосев