1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема „кодоши“ меѓу кандидатите за локалните избори

СН/ЕМФ/миа23 февруари 2013

Лустрациската комисија во Македонија ги проверила сите кандидати за претстојните локални избори и утврдила дека меѓу нив нема соработници на тајните служби.

https://p.dw.com/p/17kYZ
Фотографија: Getty Images

Комисијата за верификација на фактите ја заврши постапката за сите 80 општини и Градот Скопје за проверка на 6.339 кандидати за советници и градоначалници и ја извести Државната изборна комисија, односно општинските изборни комисии, изјави за новинската агенција МИА портпаролот на Комисијата, Предраг Димитровски.

Од четирите надлежни институции за 12 кандидати беше утврдено дека поминуваат низ евиденциите на Државниот архив, но Комисијата утврдила дека ниту едно лице не било соработник на поранешните тајни служби. Станува збор за лица кои имаат исти имиња и презимиња, но според возраста се работи за сосема различни личности.

Димитровски повтори дека со сегашното прегледување на документите не завршува процесот на лустрација, затоа што членовите на Комисијата имаат можност за анализирање и истражување и доколку некое име на новите избрани советници или градоначалници се појавува во досиејата, тој ќе биде ставен на дневен ред на Комисијата.

Wahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Потврдените кандидатски листи доставени во ДИК

До Државната изборна комисија пристигнаа потврдените кандидатски листи за советници и за градоначалници за претстојните локални избори од сите 80 општински изборни комисии и од Градот Скопје.

Општинските изборни комитети во изминатите денови ги прегледуваа и потврдуваат листите кои до нив беа поднесени до законски утврдениот рок -16 февруари на полноќ. Во трката за градоначалници се пријавија 268 кандидати, од кои 25 независни, а останатите се припадници на политички партии. За членови на општинските совети, пак, се поднесени 350 кандидатски листи, од кои 93 независни.

ДИК утре ќе го одржи жребувањето за утврдување на единствената листа на кандидати за членови на советите на општината, односно Советот на Град Скопје и единствена листа на кандидат за градоначалник на општината, односно Градот Скопје. Изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите, односно на 4 март на полноќ и завршува на 22 март. Во првиот и вториот круг на гласање кампањата не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите.