1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема криза за индустријата за играчки

Инза Вреде/ Симе Недевски30 јануари 2013

Најмногу играчки родителите им купуваат на децата за време на празниците. Но сега сезоната заврши, а производителите на играчки и понатаму работат со полна пареа, бидејќи денеска започнува Семот на играчки во Нирнберг.

https://p.dw.com/p/17U1p
Фотографија: Photopool/Spielwarenmesse eG

Над 50 фирми се претставуваат на најголемиот саем на играчки во светот со повеќе од милион производи, од нив 70.000 се новитети: од возови и други „технички“ играчки, преку книги, друштвени игри и мултимедијални содржини, до кукли и плишани животни. Излагачите доаѓаат од 62 земји.

Домаќините, Германците, се особено позитивно расположени: „Пазарот на играчки веќе неколку години е многу, многу добар и стабилен“, вели Улрих Бробејл, првиот човек на Германското здружение за индустрија на играчки. „Имавме неколку слаби години, а потоа дојде 2009, која беше прва навистина добра година. Сакаме да ја нарекуваме волшебна година на криза. Тогаш веќе имавме раст од 4 проценти. Сега ги имам и статистиките за 2012. Тука имаме плус од 3 проценти. Во изминатите три години производителите на класичните играчки во Германија поминуваат навистина добро. И тоа многу подобро отколку во многу земји околу нас. Особено индустријата за играчки во Шпанија не изгледа толку добро“, истакнува Бробејл.
Германските производители, значи, солидно се пробиваат низ кризата. Но пред нив стојат други предизвици. На пример, работите се менуваат во земјите каде поголемиот број на играчки се произведуваат во Кина. „Со Кина постојат проблеми“, укажува Бробејл. „Не се работи за тоа колку се безопасни играчките, туку за други факти, како што е кинескиот пазар на трудот. Стана многу тешко да се најдат работници. Освен тоа, растат и трошоците за суровини и транспорт, а зајакнува и кинеската валута. Значи има многу фактори, кои не станаа полесни во изминативе неколку години.“

Играчки за татковци и синови

Производството на играчки се враќа на европска почва, додуша не во Германија туку пред се’ во Источна Европа. Пред неколку години, над 70 проценти од играчките кои се купени во Германија биле произведени во Кина. Тој дел сега опадна на 60 проценти, проценува Бробејл. А тука се и демографските промени во Германија и во другите индустриски земји. Дали растот на оваа индустриска гранка ќе продолжи, поради фактот дека се раѓаат се помалку деца? Бробејл смета дека ќе продолжи:
„Децата имаат повеќе играчки. Поради демографските промени имаат повеќе баби и дедовци, повеќе подароци, бидејќи старите луѓе имааат доволно пари. Уште една причина е сигурно тоа што има се’ повеќе разводи и во согласност со тоа, се’ повеќе нетрадиционални семејства. Може да се каже дека речиси постои натпреварување во подароци.“

Spielwarenmesse Nürnberg 2013
Фотографија: Photopool/Spielwarenmesse eG


Не играат само децата. Моментално во Германија 20 проценти од играчките се купуваат за возрасните. Делот на т.н. играчки „за татковци и синови“ порасна за речиси 30 проценти, од 2008 до 2011 година, објаснува Бробејл. Одделни мажи конечно ги остваруваат желбите од детството играјќи се со возови или автомобили со далечински управувачи, овој пат како татковци.

Класичните играчки- засекогаш

Новите електронски играчки на Нирнбергшкиот саем, сепак не се само за татковците. И на децата новите медиуми одамна им се забавни. Тие ги привлекуваат во Нирнберг, кажува шефот на саемот Ернст Кик: „Со помош на смартфоните и таблет- компјутерите, се разви нова генерација на играчи, и ние таа генерација повторно ја дефинираме оваа година.“
Производителите мислат и на најмладите: тука се тропалките, на чија средина можат да се прицврстат мобилни телефони. Ако се допре бебето на неговиот екран, се слуша името на соодветниот дел на телото. Дали тоа значи дека класичните играчки се пред изумирање? Не, вели Кик: „Секогаш ќе постојат класичните играчки, кои се присутни и до денес, како и оние трајни модели со кои децата си играат веќе 30- 40 години. Но тие играчки ќе бидат збогатени со електронски компоненти, дигитализирање, ќе се отворат нови светови за играчките. Така ќе имаме попаметни игри и повеќе забава.“

Bildergalerie Rapex Gefährliche Produkte
Фотографија: AP