1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема милост за пироманите во Австралија

Бернд Муш Боровска12 февруари 2009

Додека со денови во Австралија пожарникарите и спасувачки екипи се борат со катастрофата во земјата предизвикана од огнената стихија, секојдневно има нови случаи на намерно подметнати пожари. Полицијата апси осомничени.

https://p.dw.com/p/GsEN
Пожарите во Австралија не стивнуваатФотографија: picture alliance / landov

Очевидци забележале како пиромани подметнуваат огнови, соопшти специјалната истражна полициска комисија која ја води истрагата за катастрофалните пожари. Дени Молони, раководител на комисијата предупреди потрагата по осомничените да не се претвори во „лов на вештерки“. „Инспекторите бараат факти кои потоа ќе не’ водат до доказите. Затоа апелирам до медиумите одговорно да известуваат за ситуацијата, да нема обвинувања против лица, кои не сториле ништо.“

Околу половина од пожарите, коишто неколку дена беснеат во јужниот и југоисточниот дел на Австралија, се намерно подметнати. Во многу случаи, од локалните жители во погодениот регион.

Програма „Номад“

Во соседната сојузна држава Јужна Австралија со години се спроведува програмата „Номад“, со која посебно се набљудуваат лицата со пиромански наклоности. Премиерот на оваа сојузна држава, Мајк Ран, вели дека е создадена база на податоци со осомничени лица. „Минатата недела навечер, полицијата посети околу 40 лица од нашата листа. Тие беа предупредени дека се под надзор и дека е подобро да останат дома. Тоа е многу ефективно. Секако ништо не можеме да гарантираме, но кај нас бројот на подметнати пожари е многу намален откако ја воведовме програмата ’Номад’ “, вели Ран.

Ќе се подигнат обвиненија за убиство?

Доколку бидат откриени и осудени, на пироманите за последните пожари во Австралија им се заканува дури обвинение за убиство. Со оглед на големиот број жртви, австралискиот премиер Кевин Руд изјави дека станува збор дури за масовно убиство. Премиерот на сојузната покраина Јужна Австралија, Мајк Ран ги означи пироманите како терористи, за кои човек не смее да има сочуство. „Стотици пожарникари се во акција за да ги угасат пожарите, а нашите полицајци мора да се грижат за тоа овие идиоти да не подметнат нов пожар. Неподносливо е потоа да се гледаат овие лица како пред судот раскажуваат срцепартелни приказни за тешкото детство. Тоа се терористи и така треба да бидат третирани“, категоричен е Ран.

Australien Feuer
Премиерот на Австралија Кевин РудФотографија: AP

Пожарите во јужниот и југоисточниот дел на Австралија, до сега однесоа над 180 животи, а штетата се проценува дека ќе изнесува неколку стотици милиони долари.