1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема мир во длабоко поделената Либија

Валери Штокер/ Симе Недевски15 октомври 2013

По револуцијата во Либија, земјата е потресена од локални конфликти. Државата е немоќна против вооружувањето и насилството. Фрагментирањето на општеството изгледа незапирливо.

https://p.dw.com/p/19zFH
Фотографија: M.Turkia/AFP/GettyImages

Жителите на местото Бани Валид, околу 170 километри југоисточно од престолнината Триполи се гледаат себе си како губитници на револуцијата. Нивниот град за време и по револуцијата беше сцена на жестоки воени судири. Жителите на Бани Валид кои во мнозинство беа приврзеници на долгогодишниот властодржец Моамер ел Гадафи, по неговото соборување од власт ги загубија и своите привилегии.

Тој град главно е населен со припадници на најголемото либиско племе Варфала. Покрај Гадафе, племето на Моамер ел Гадафи и членовите на племето Варфала порано уживаа посебни привилегии. Преку племенските врски, Бани Валид е поврзан со некогашното упориште на Гатафи, местото Сирт на Средоземното Море како и со југозападната престолнина Сабха. Сите три места во 2011 година мнозински беа на страната на режимот.

Во Бани Валид сѐ уште можат да се видат траги на разурнувањето. Во 2011 година авионите на НАТО го бомбардираа ова планинско место. Откако државата нареди воена офанзива во октомври 2012 година, Бани Валид наликува на урнато утврдување. Поради оваа офанзива пораснаа и тензиите во односите со влијателното пристаниште Мисрата, упориште на противниците на Гадафи.

Libyen Ausmaß der Zerstörung in Bani Walid Flash-Galerie
Фотографија: DW

Одмазда и племенски војни

Покрај конфликтите меѓу Мисрата и Бани Валид, судирите зачестија и во останатиот дел на земјата. Најчесто се случуваат таму каде вооружени етнички групи се борат за влијание земја и ресурси. Преодната либиска влада е беспомошна, меѓу другото и поради тоа што бунтовничките групи како целина ги вклопи во војската, а тие пак пред сѐ и натаму се чувствуваат обврзани да ги извршуваат наредбите на директно претпоставените команданти и да ги штитат интересите на своите племиња.

Племенските несогласувања во Либија имаат повеќевековни корени. Тие тензии Гадафи дополнително ги засили со фаворизирањето на некои племиња и стратегиското преселување на некои етнички групи.

По соборувањето од власт и смртта на Гадафи во октомври 2011 година започнаа и вооружените судири за одмазда на воените слосторства. На пример во поранешното упориште на Гадафи Таварги, пред револуцијата живееја околу 30 илјади луѓе. Нив ги уапсија, прогонија или убија, поранешните бунтовници од соседниот град Мисрата. Градот сега е целосно празен.

Израмнувањето на сметките од 40 години долгата диктатура на Гадафи го оддржува во живот насилството. Земјата која им била одземена за време на владеењето на Гадафи, многу изворни сопственици си ја повратија по насилен пат.

Малцинствата бараат поголеми права

Многу жители на местото Сабха се чувствуваат загрозени поради приливот на припадници од други етничкли групи. „Повратници и натрапници го контролираат градскиот совет и ја уценуваат владата“, вели Хусеин Мохамед, кој како сопственик на земјиште и припаѓа на високата класа. Тој смета дека припадниците на племето Авлад Сулејман се вандали. Но дури и тие, вели, се подобри од племето Тубу.

Libyen Kämpfer Sicherheitskräfte
Фотографија: M.Turkia/AFP/GettyImages

Ова етничко малцинство живее во Чад, Нигер и во Либија. Мнозинството Либијци ги сметаат припадниците на Тубу за натрапници. Дури и оние со доказ дека се родени во Либија не можат да избегаат од ова стигматизирање. Во Либија, расизмот е распространета појава, пред сѐ спрема африканските мигранти, но и спрема црномурестите припадници на племето Тубу. „Треба ли бојата на мојата кожа да решава дали сум од овде?“, се лути Сиди Кела, трговец од Мурцук. „Јас сум поголем Либиец од многу Арапи!“

Припадниците на Тубу повеќе не очекуваат многу од сограѓаните и државата и пред сѐ имаат доверба во сопствената воена моќ воспоставена во 2011 година. Времето на револуционери навистина заврши, но со тоа не заврши и времето на вооружени судири. Во Сабха редовно доаѓа до крвави пресметки меѓу припадници на племињата Тубу и Авлад Сулејман. Малцинствата во Либија- Берберите, Туарезите и Тубу- сѐ повеќе инсистираат на поголеми права за одлучување и делумно се закануваат и со насилство доколку тие права и натаму не им бидат почитувани.