1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема напредок во преговорите за името меѓу Македонија и Грција

Борис Георгиевски 2 ноември 2007

Разговорите во Њујорк не донесоа нов предлог од медијаторот Нимиц, ниту приближување на позициите меѓу Скопје и Атина. Нимиц најави посета на двете земји, откако Атина и Скопје ќе ја разгледаат неговата предлог рамка.

https://p.dw.com/p/C0Df
ОН во ЊујоркФотографија: AP

Нема нов предлог од медијаторот Метју Нимиц за решавање на спорот за името, туку само рамка за понатамошни разговори за решавање на прашањето. Македонскиот и грчкиот преговарач Никола Димитров и Адамантиос Василакис треба да ги известат владите во Скопје и Атина за идејата на Нимиц, по што американскиот дипломат најавува посета на регионот, во обид да стави крај на 16 годишниот спор меѓу Македонија и Грција.

Взаемно прифатливо решение ќе придонесе за стабилноста на регионот

„Не дадов предлог за конкретно име. Во обид да им помогнам на двете страни во овој спор, дадов неколку сугестии во форма на предлог- рамка како основа за фер и чесно решение“, изјави Нимиц по состанокот кој се одржа во Њујорк. Нимиц верува дека до взаемно прифатливо решение може да се дојде во наредниот период и дека тоа ќе придонесе за мирот и стабилноста на регионот во иднина.

Димитров и Василакис ги изнеле позициите на своите држави. Претставникот на Атина сугерирал дека неговата земја веќе сторила се што можела во овој спор и изрази оптимизам дека постојат знаци на подобрување во позициите меѓу двете страни.

Димитров инсистирал дека Македонија не може да биде уценувана да избере меѓу членството во НАТО и промената на своето уставно име. „Македонија не смее да биде доведена во позиција на избор меѓу членство во НАТО и уставното име, бидејќи тоа за Македонија не е избор. Даде предлог-сугестии не во однос на предлог или име, меѓутоа на некои елементи врз основа на кои ќе се дојде до такво нешто по извесно време. Тајмингот не е дефиниран. Дел од елементите се компатибилни со нашите интереси и нашата позиција, дел од елементите се проблематични, и веројатно слично на тоа ќе бидат и перспективата и погледите на Атина“.

Грција останува на ставот

Многу шпекулации, во пресрет на средбата велеа дека Нимиц ќе излезе со нов предлог за името. Грција и понатаму, непопустливо останува на ставот дека името на Република Македонија треба да се разликува од она на северната грчка провинција.

Во изминатиот период засилено работи и грчкото лоби низ светските престолнини, во обид да издејствува договор во полза на Атина пред самитот на НАТО во Букурешт следната година. Особено активни, Грците се во Вашингтон, но освен резолуцијата поддржана од Демократите во Конгресот и Сенатот, досега не успеаја посериозно да влијаат врз официјалната политика на Белата куќа.

Политиката на Македонија е непроменлива

Политиката на македонскиот државен врв во однос на ова прашање засега останува непроменлива. Шефот на дипломатијата Антонио Милошоски во пресрет на последната рунда преговори во Њујорк ја повтори позицијата на Владата во Скопје во интервју за телевизијата Канал 5. „Ние имаме еден многу силен аргумент. Доколку е потребна било каква Diferencia specifica во однос на името на Република Македонија, поимот Република го прави тоа. Доколку е потребно нешто повеќе, тогаш предлагаме, Грција како суверена држава да додаде префикс или суфикс на својот регион Македонија за да го направи поразличен од сите други“.

Грчко-македонскиот спор за името почна по осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година. Под притисок на Атина, Македонија мораше да прифати прием во Обединетите нации под референцата ФИРОМ или Поранешна југословенска република Македонија.