1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема напредок во преговорите за името

Горан Момировски 14 август 2008

Заедничката средба на преговарачите од македонска и грчка страна со медијаторот Метју Нимиц нема да има, бидејќи не е забележана промена на позициите. Наредната недела американскиот дипломат ќе допатува во Скопје.

https://p.dw.com/p/Ewzb
Медијаторот Нимиц на поранешна средба во СкопјеФотографија: Dragan Todorovski

Суштинско прашање на преговорите и единствено за што имам мандат да посрдувам е името, изјави вчера по средбата со македонскaта преговарчка двојка Никола Димитров - Мартин Протогер, американскиот дипломат Метју Нимиц.

Тешки преговори

На консултациите во македонската мисија во Њујорк, што траеа час и половина, тројцатa разговарале за различни идеи и варијации на стари прелози за името но и за многу други прашања кои се поврзани со него, изјави медијаторот според кого разговрите биле тешки. Тој побарал објаснувања од македонска страна за писмото со кое премиерот Никола Груевски бара прашањето за Македонската православна црква да биде вметнато во преговорите.

Од македонска страна се вели дека медијаторот Нимиц имал разбирање за проблемот со МПЦ иако извори во канцеларијата на Нимиц во Обединетите Нации предходно најавија дека по разгледувањето на писмото Нимиц ќе испрати доверлив одговор до Скопје кој неофицијано ќе го содржи објаснувањето зошто прашањето за МПЦ не може да биде формален дел од преговрите.

Можно е да се постигне решение

Проблемот со МПЦ како и сите други отворени прашања меѓу Грција и Македонија се комплицирани но името е најтешко и доколку тоа се реши ќе се отвори врата за надмнување и на другите спорови, изјави Нимиц кој сеуште верува дека е можно решение на 17 годишната сага.

„Има многу прашања меѓу двете држави, некои се долгорочни, некои се краткорочни, многу се поврзани со името. Мој поглед е, а и мислам дека двете земји се согласуваат, дека јадрото на проблемот е името. Постои резолуција на Обединетите Нации, а и договорот меѓу двете земји. Мојот мандат е за проблемот со името. Постојат и други прашања и решавањето на главниот проблем со името, може да биде во правец на решавање на тие спорови. Сепак, мој главен приоритет е прашањето за името" изјави Метју Нимиц.

Василакис го потврди грчкиот став за македонското малцинство

Умереност и трпение побара од македонската страна грчкиот преговарач Адамантиус Васликаси по средбата со Нимиц вчера доцна навечер во канцеларијата на Нимиц во Њујорк. Тој бил информиран за разговорите со македонската страна и за ново старите варијанти што ги разгледува Нимиц по што уште еднаш ја повтори грчката позиција дека нема да преговара за македонското малцинство, МПЦ или за промена на името на аеродромот Македонија во Солун како што побара премиерот Груевски.

„Потребна е умереност и трпение од страна на вашата земја за да дојдеме до конструктино решение за проблемот со името. Доколку го прочитавте писмото на премиерот Караманлис до премиерот Груевски јасни ви се грчките позициии за прашањата кои ги наметнува Скопје. Немам ништо друго да додадам“,изјави грчкиот преговарач Василакис

Поради тоа што Нимиц не забележал напредок во преговорите, денеска и дефинитивно нема да се случи заедничка средба која беше најавена само доколку има промена во позициите на некоја од страните. Наредната недела Нимиц пристигнува во Скопје, а во зависност од тоа што ќе го слушне од премиерот и претседателот ќе биде закажана и средба во Грција, која ќе се случи во Атина или Солун.