1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема одлука за имунитетот

Александар Чомовски 26 септември 2008

Расправата на Комисијата за мандатно имунитетни прашања повторно е одложена. Во меѓувреме опозициската ДПА поднесе иницијатива за собраниско толкување на Законот за амнестија.

https://p.dw.com/p/FPMf
Парламентот во СкопјеФотографија: picture-alliance/ dpa

Синоќа во Скопје по вторпат беше одложена парламентарната постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на тројца пратеници од владеачката ДУИ. Еден од нив е осомничен за изборни насилства, а двајца за учество во воениот конфликт од 2001 година.

Иницијатива за собраниско толкување на Законот за амнестија

Поради ова прашање не се исклучува, за време на викендот да дојде до средба на претседателите на партиите од коалицијата на власт, Никола Груевски (ВМРО ДПМНЕ) и Али Ахмети (ДУИ). Друга можност е, да се почека парламентарното толкување на Законот за амнестија, што вчера напладне и официјално го побара опозициската ДПА: „Флагрантно кршење на Законот за амнестија, затоа денес во Собранието доставивме иницијатива за автентично толкување на овој закон.“ рече Бесим Догани од ДПА.

Отворањето на судска постапка за воени злодела на поранешни припадници на ОНА, а сега пратеници, министри или лидери на владеачката ДУИ, отвара простор за можна криза во меѓуетничките и интер-владините односи меѓу Груевски и Ахмети. Во такви услови, тричасовната лидерска средба, иницирана за промена на изборното законодавство и уставни промени, беше непродуктивно.

Нема согласност околу изборот на идниот претседател

На средбата, опозицискиот СДСМ немаше став и беше резервиран за идејата, претседателот на државата, на наредните избори, легитимитетот да го добие, без оглед колку избирачи ќе гласаат. Во однос на критиките, дали идниот претседател без цензус од 50 проценти од гласачите ќе има легитимитет, иницијаторот на уставните промени, премиерот и претседател на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски одговори: „Кој легитимитет го има човекот што сега ја извршува функцијата, после такви избори какви што имавме минатиот пат. Затоа велам, легитимитетот не се гледа во цензусот, се гледа и во начинот како е извршен изборот.“

ДУИ засега инсистира идниот претседател да го избира парламентот, а ДПА побара да има и потпретседател на државата.