1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема опасност за мирот на Балканот!

Силвера Падори-Кленке24 мај 2012

Земјите имаат проблеми, но нема враќање кон националистичките и фундаменталистичките судири. Д-р Бруно Шох во разговор за ДВ вели дека Македонија постигнала голем напредок и ги разбира нејзините тежнеења кон НАТО и ЕУ.

https://p.dw.com/p/150zq
Фотографија: DW

Добрата вест – не е вест! Ова непишано правило во новинарството, за среќа на Балканот и на Македонија, уште еднаш се потврди во годинашнава експертиза за мирот во светот. Во извештајот што го подготвија четири германски водечки институти што се занимаваат со оваа проблематика, нема ни збор за регионот. Вниманието на научниците е сконцентрирано кон глобалните прашања - поместувањето на моќта во светот, финанската криза како закана, но и вложувањето во оружје и НАТО, кон кого тежнеат и земјите од Западниот Балкан.
„Ја разбирам Македонија дека го посакува членството во Европската унија и во НАТО, кој ја обезбедува таканаречената - генерална сигурност. Од искуството од другите држави е познато дека сите најпрво го посакуваа НАТО членството, зашто тоа го отвора патот за инвестициите и ЕУ, дава своевидна сигурност. Во оваа смисла, членството во ЕУ и НАТО меѓусебно се тесно испреплетени”, изјави во разговор за Дојче веле д-р Бруно Шох од Фондацијата за мир и истражување на конфликти од Хесен.

Македонија постигна голем напредок

Во случајот со Македонија и спорот за името, Шох повтори дека ЕУ и НАТО како сојузи функционираат врз познатиот принцип на конензус и одговарало неколму или не, Грција како членка има можност за вето. Поради ова Македонија е повторно во чекалната на НАТО, иако вратите на Алијансата и‘ се отворени. Го прашуваме д-р Шох, колку ваквата позиција на Македонија на континуиран „чекач” е закана за безбедноста во регионот? Колку на Алијансата навистина и‘ е важна стабилноста на Балканот, гледано од аспект на можниот пробив на екстремизмот и исламизмот кои се всадуваат секаде во светот каде изнаоѓаат слободен простор?
„Една стабилна перспектива во НАТО, во секој случај би била подобра. Тоа е едната страна. Другата, пак, е стравот дека не само во Македонија, туку и во другите балкански држави е можно враќање наназад и создавање терористички гнезда. Јас во ова второто не гледам опасност! Од споредбената студија која ја изработивме со еден колега за Босна, за Косово и за Македонија се гледа дека во овие општества - навистина можеби и има проблеми, но нема враќање на националистичките, екстремистичките и фундаменталистичките судири”, коментира Шох.
„Македонија има голем напредок од деведесеттите. Или поточно од 2001-та, кога имаше речиси војна. Напредок има дури и на северот на Косово, каде повремено има гранични инциденти. Таму има обиди да се игра на картата промена на границите и слично. Но, во суштина тоа не го сака никој, а Белград и Приштина треба да го изнајдат патот. Не верувам дека тие 40.000 луѓе на северот на Косово би сакале враќање назад во крвавите судири од деведесетите. А, во Македонија - враќање назад и онака во никој случај не гледам”, е категоричен Бруно Шох од Фондацијата за мир и истражување на конфликти од Хесен.

Scharmützel in Mazedonien
Ориентацијата е НАТО и ЕУ-нема враќање назад - ни во Македонија, ниту на БалканотФотографија: AP