1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема политика во изјавите на Борисов

9 септември 2009

Бугарскиот министер без ресор Божидар Димитров во интервју за бугарската програма на Дојче веле го поддржа ставот на својот премиер Бојко Борисов, дека вината за трагедијата во Охрид е на македонска страна.

https://p.dw.com/p/JYQ7
Владата во СофијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Министерот без ресор надлежен за Бугарите во странство во бугарската влада Божидар Димитров застана во одбрана на ставот на премиерот Бојко Борисов истакнувајќи дека неговата изјава, оти целата вина за случајот во Охрид е на Македонците, немала политички контекст: „Бојко Борисов не даде политичка изјава кога кажа дека вината е кај македонската страна. Тој го имаше предвид фактот дека бродот од германско производство од 1924 година е премногу стар за да превезува луѓе. Никаде во светот, бродови со толкава старост не пловат. Има ли во Германија бродови со 87 години што пловат по Рајна или Дунав и кои превезуваат луѓе. Претпоставувам нема. Дури и во Бугарија нема такви бродови. Кај нас брод со 30 години се смета за многу стар“ , истакна Димитров во интервјуто за бугарската редакција на Дојче веле.

Тој реакциите во Македонија за изјавата на Борисов ги коментираше на следниов начин: „Но, тие се исклучително чуствителни на таа тема и вечно истакнуваат дека Бугарија сака да им нанесе удар.“

Бугарскиот министер без ресор повторно исклучи каква било вина од бугарска страна за загинувањето на 15-темина бугарски државјани во Охридското езеро во саботата, по изваштаите дека бугарската агенција, која ги донела гостите во Охрид, немала соодветна лиценца: „За што да сноси вина бугарската страна? Дури и туристичката компанија да не е лиценцирана, таа сепак тивко и мирно ги донела туристите во Охрид. Како што кажа Бојко Борисов, дури и да беше лиценцирана фирмата и да патуваше со најперфектни автобуси, бродот бил стар. Едноставно бил пловечки ковчег со 87 години,“ рече Димитров уште еднаш потенцирајќи: „Вината е на македонска страна и министерот за транспорт, признавајќи дека е виновен, си поднесе оставка и ние го пофаливме“.

Според Димитров бугарската држава ќе ги награди и македонските државјани кои спасија голем број бугарски туристи, што пловеа со бродот „Илинден“. „Мојот предлог до господинот Борисов е да бидат наградени со медал за граѓански заслуги Македонците кои учествуваа во спасувањето на 40-те Бугари кои сепак се спасени. Тоа се околу 15 луѓе“.

На прашањето дали несреќата во Охрид ќе предизвика привремено нарушување во бугарско-македонските односи, министерот Димитров оцени дека тие односи никогаш не биле особено добри и додаде: „Но, сепак мислам дека односите нема да се влошат, со оглед дека македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски ќе присуствува на погребот на загинатите, а истотака и градоначалникот на Охрид со голема делегација. Дури е можно и да се видам со него бидејќи се познаваме,“ истакна Димитров во интервјуто за програмата на бугарски јазик на Дојче веле.

Автор: Емилијан Лилов / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска