1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема прогрес за името со регрес на искрена волја

Катерина Блажевска18 април 2013

Дел од домашните експерти во Македонија засега не гледаат ни нова сила, ни основа за конкретен напредок во разговорите за името до јуни.

https://p.dw.com/p/18INV
Фотографија: MIA

Новата рунда разговори за името кај посредникот Метју Нимиц (на фотографијата горе Нимиц со преговарачите Василакис и Јолевски) , колумната во која лидерот на ДУИ Али Ахмети повика на „големи одлуки" и изјавата на вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, дека до јуни очекува конкретен напредок во разговорите за името, во јавноста создадоа впечаток дека решението на спорот е пред конкретна завршница, проследена со неопходна доза на политичко-дипломатска дискреција.

Ваквите очекувања прв ги демистифицира премиерот Груевски, кој запрашан за колумната на неговиот коалициски партнер, одговори:

„Се разбира и јас имам право да имам свое мислење и да имам свој став за одредени работи. Но, имам и обврска пред граѓаните на Македонија, дури и она што е мој став, да не го спроведам без да ги прашам нив на организиран референдум". Со одложена ракција за колумната на Ахмети се јави и ВМРО-ДПМНЕ. Партијата вели дека се согласува со Ахмети за важноста од побрзо зачленување на Македонија во НАТО, но потсетува дека за македонскиот народ подеднакво важно е задржувањето на идентитетот, изразен или поврзан со јазикот, националноста и името на земјата.

„Ние во ВМРО-ДПМНЕ не планираме по толку многу години борба да се предадеме, прифаќајќи уцени и диктати од страна на Грција, ниту закани од каков било вид и од кого било. Нашата борба за македонското прашање е неотповиклива и безалтернативна и нема цена која ќе не' натера да отстапиме од тоа. ВМРО-ДПМНЕ во врвот на своите приоритети го има зацртано зачленувањето на Македонија во НАТО и ЕУ, но само под услов тоа да биде паралелно со задржувањето на идентитетот. Г-дин Ахмети вели дека сега е време, ние велиме дека секогаш е време, но не по цена на македонскиот идентитет", порача ВМРО-ДПМНЕ.

Catherine Ashton in Mazedonien
Ештон во Скопје апелираше: Подобро сега, отколку подоцнаФотографија: MIA

Сличен став дели и амбасадорот Ристо Никовски, кој со години го следи процесот на разговори за името.

„Изјавата на Бесими, 'манифестот' на Ахмети... се само додатни притисоци Македонија да капитулира. Не треба да се исклучи дека тие се стимулирани од надвор", оцени Никовски.

Процесот без сила

Во меѓувреме, од ЕУ стигнуваат отворени импулси за брзо решавање на проблемот. Потребно е разговорите за името да бидат доведени до дефинитивен заклучок без никакво одложување, рече високиот претставник за надворешни работи и безбедност на ЕУ, Кетрин Ештон, при посетата во Скопје.

„Ги охрабрувам политичарите од двете земји да го искористат големиот напор на медијаторот Метју Нимиц, за конечно решение за спорот за името. Ова е единствениот начин за напредок кон ЕУ. Знам дека тоа е тешко, но нема друг начин за побрзо решение. Подобро е сега, отколку подоцна", порача Ештон. Таа изрази задоволство од можноста да види дека процесот под покровителство на ОН за прашањето со името добил нова сила. Но, дел од домашните експерти засега не гледаат ни нова сила, ни основа за конкретен напредок во разговорите за името до јуни. Универзитетскиот професор, Стево Пендаровски, вели во Скопје ништо битно не се случува на тој план.

VMRO DPMNE Gebäude in Mazedonien
ВМРО ДПМНЕ: Секогаш е време, но не по цена на македонскиот идентитетФотографија: Petar Stojanovski

„Потврда за тоа е традиционалното 'двоглаво' реагирање на владата: албанските министри се оптимисти затоа што упорно разговараат со Вашингтон и Брисел наместо со својот коалициски партнер, а македонските се молчаливи, наводно, штитејќи го интегритетот на процесот кој е реално замрзнат цели пет години. Прогрес со името нема да видиме заради структурни причини - имено, во владата е одамна расчистено дека Македонија може комотно да напредува и без евроатлантските интеграции", вели Пендаровски.

Според него, сигурен знак дека работите се движат кон име кое ќе биде тестирано на референдум, би бил обидот на Владата за консултации со опозицијата, кои се неизбежни за поминување на високиот референдумски праг.

„Но, такво нешто не се случува, не заради политичката температура поврзана со локалните избори, туку заради уверувањето на Владата дека е невозможен компромис со опозицијата која, според нив, работи спротивно на националниот интерес", оценува Пендаровски.

Грција не е заинтересирана

И Амбасадорот Никовски не верува во брзо решение, а причините за тоа ги лоцира кај јужниот сосед.

„Напорите за барање решение за името се позитивни и за Македонија и за ЕУ. Меѓутоа, излез од ќорсокакот е добродојден за сите, освен за Грција. Во тамошните услови, ова прашање е последно на дневниот ред. Дури да се согласиме и со нивната црвена линија, во Атина и тоа нема да помине. Се' побројните екстремисти ќе предизвикаат нова политичка бура. Значи, брзо решение нема, ниту е можно. Да се надеваме дека обидите ќе се фокусираат на модалитет кој ќе овозможи Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ, со некаква паралелна динамика за решавање на проблемот, бидејќи Брисел е крајно заинтересиран да го намали срамот за непризнавањето на Хашката пресуда", смета Никовски.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen
Наредниот период ќе покаже кој е искран во напорите за решение, велат дипломатски извориФотографија: AP/DW Fotomontage

Д-р Малинка Ристевска - Јорданова, директор на Институтот за европска политика, правејќи споредба со претходните фази, забележува дека неколку работи се различни по последниот предлог на Нимиц во преговорите со Грција.

„Прво, видливата воздржаност на официјална Атина и официјално Скопје: нема коментари - одбивање или прифаќање. Второ, има синхронизиран напор и на посредникот Нимиц и на ЕУ (прв пат е вклучена и Кетрин Ештон) да се постигне компромис. Трето, видлив е притисокот од коалицискиот партнер ДУИ во Владата за решавање на спорот. Четврто, не се дава конечно решение, туку го одложува за крајот на преговорите", анализира Рисевска-Јорданова. Сепак, таа шансите за компромис во јуни ги оценува како ниски, зашто смета дека црвените линии и на грчкиот и на македонскиот премиер се видливо раздалечени.

„Но, овојпат, ќе бидат во ситуација да кажат 'да' или 'не', од што ќе зависи натамошното позиционирање на Европската унија", потсетува таа.

И според дипломатски извори, лидерството на Македонија во наредниот период ќе биде ставено на вистински тест.

„Тој ќе покаже дали искрено се влегува во процесот за наоѓање решение или процесот се користи само како параван за лажен активитет. Потоа, се' ќе биде појасно", велат дипломатски извори за ДВ и искрено се надеваат дека ќе преовлада волјата за решавање на проблемот.