1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема таен рецепт

Рут Рах / Катрин Ердман21 ноември 2008

Стравот во ЕУ од поплава од странци-илегалци од новопримените земји од истокот на континентов, кои ќе си ја побараат среќата и подобрата заработувачка во западните земји-староседелци во Унијата, се покажа како неоправдан

https://p.dw.com/p/FzMJ
Фотографија: Picture-Alliance /dpa

Стравот е до тој степен неоправдан, што надлежниот еврокомесар Владимир Шпидла побара дури и предвреме да се укинат бариерите, и веќе сега луѓе од новите земји-членки да можат слободно да побараат работа и живеалиште на Запад.

Иако главната насока на движењето на преселниците останува од исток кон запад, не се невообичаени ни преселби внатре во западниот дел на континентов. Се’ повеќе Германци се решаваат да ја напуштат татковината, поведени од подобрите изгледи за работа во друга држава, или од повисоката плата, или едноставно затоа што сакаат да живеат во некоја друга средина.

Случајот на работниците од Источна Европа во Велика Британија

Во Велика Британија владее недостиг од квалификувани работници, оти никој не ги ни обучува. Одвај да има фирми кои прифаќаат ученици на обука; најголемиот дел порадо вработуваат работници од Источна Европа, кои се поевтини, а истовремено и поспособни. Но, работниците од Полска, на пример, се’ почесто се враќаат назад во татковината, каде во меѓувреме генерално се подобрени условите. Сепак, претстои летната олимпијада во Лондон во 2012-та година, за неа ќе мора многу да се гради и обновува, а тоа е шанса и за германски квалификувани работници. Посебно се барани ако се со ранг на мајстор и уште дополнително имаат и англиски квалификации.

Овде има многу работа и малку луѓе...

„... Ги пробав британските јадења, ама не се за мене. Затоа, се враќам на Мекдоналдс или одам во Лидл и таму си ги наоѓам убавите работи што си ги знам од Германија“.

Ралф Обермајер е гас- и водоинсталатер од Вестфалија, ја пречекорил 30-тата година од животот. Во неговото место Хобстен немало многу работа, па заедно со цел тим германски квалификувани работници отишол преку каналот Ла Манш. Работата во Велика Британија ја преземал германски суб-претприемач.

„Овде во Англија има многу работа, а малку луѓе, па така и се најдов овде. На градилиштето има многу Германци - електричари, плочкари. Се исплати да се работи овде и да се постават германски стандарди“.

Доаѓањето е супер чекор

Криви ѕидови, ексцентрично поставени цевки, прозорци што не дихтуваат - најголемиот дел од Британците и не се навикнати на ништо друго. Но, не и двата големи германски дисконтери кои штотуку со своите супермаркети се обидуваат да фатат корења на островот. Тие порадо ангажираат германски фирми, носат сопствени квалификувани работници, раскажува Јенс Штајнбрик, млад претприемач за техника за домаќинството од Лоте кај Келн, шеф на Ралф Обермајер. Седиштето на неговата фирма и натаму е во Германија, но од 2005-та година најголемиот дел од налозите ги реализира во Велика Британија. Бизнисот му цути.

„За нас беше супер чекорот да дојдеме во Англија, оти овде се изборивме за голем удел на пазарот и кај вработувањето, и што се однесува до Англија, можеме многу позитивно да гледаме на иднината“.

Две недели напорна работа, една недела одмор во татковината - така може да се живее, пред се’ ако има добри врски со евтини авио-превозници. Јенс Штајнбрик за својот тим изнајми една мала куќа, во која германските инсталатери по сила на околностите мораат да се снаоѓаат со каприциозните англиски тушови и ве-цеа. Прилагодувања беа нужни и на местата на изведувањето на работите.

Polnischer Bauarbeiter auf Baustelle in Deutschland Einwanderung Zuwanderung Einwanderer Lohndumping
Има работа, нема луѓе...Фотографија: picture-alliance/dpa

Потребна е внимателна организација

„Кај работата мора се’ внимателно да се организира, оти ако фали нешто на почетокот на работата, тешко може да се среди. Деловите што ние ги вградуваме, ги обработуваме во Германија; нив ги нема во овдешните големи специјализирани магазини. Тоа е многу компликувано. А влијае и кај цените, ги крева угоре“, вели Јенс Штајнбрик.

При првиот обид може да се доживее неуспех, пред се’ ако се игнорираат строгите британски одредби за заштита при работата, укажува Јоахим Пфајфер од градежната фирма Витфелд. Освен тоа, квалификуваните работници со германски ранг на мајстор мораат да полагаат и англиски испити, кои понекогаш се многу скапи. Но, севкупно господин Пфајфер е задоволен. Неговото претпријатие е активно на островот од пред пет години и добива се’ поголеми работни налози - и покрај рецесијата.

„Таен рецепт нема. Досега, предност беше релативно високиот курс на англиската фунта. Во меѓувреме курсот стана поурамнотежен, па станува потешко и на британскиот пазар. Но, ние како германска фирма имаме голема предност во однос на англиски градежни претпријатија со поефикасната работа, како и во техничката област“.

Јоахим Пфајфер раскажува дека посебно се барани германски готови составни делови, оти така многу побрзо може да се гради објект, кој може да издржи робустни тестови. Тој повремено вработува и англиски работници - и забележува разлики.

Bauarbeiter
Фотографија: AP

Англичаните се поголеми муабетџии

„Да речеме дека Германците се малку повеќе концентрирани врз целта, односно се поефикасни во работењето. Англичаните малку подолго си муабетат, има повеќе социјализација. Има разлики...“, се смее Пфајфер.

Од друга страна, пак, атмосферата на англиските градилишта е поопуштена. Во Германија луѓето не соработуваат меѓусебно толку добро.

„Понекогаш испаѓа некој да му ја расипе работата некому, но овде на градилиштата тоа подобро се решава. Токму со Германците, оти луѓето се‘ овде повеќе ориентирани еден на друг, почесто се среќаваат од едно на друго градилиште и поради тоа понекогаш заеднички ја минуваат вечерта. Логочно е што и подобро соработуваат“, заклучува Јоахим Пфајфер.

Данска има најстроги закони за доселување во ЕУ

Законите за доселување во Данска, во некои делови, според мислењето на Европскиот суд во Луксембург, се дури и спротивни на важечкото право на Унијата. Еве ги, на пример, проблемите со кои се соочува еден Германец оженет со Филипинка, а сака да живее во Данска

Љубовта на готвачот и продавачката

Палми, капки пот на челото и занесен поглед - Петер и Џејн Вагенер ги покажуваат фотографиите од Филипините. Таму во јуни 2006-та година се запознаа германскиот готвач и продавачката од Филипините, потоа се вљубија и се венчаа. Петер, ситен, слаб човек на прагот на шеесеттата, веќе 20 години живее во Данска. Таму сакаше да ја донесе и Џејн, но...

Parlamentswahlen in Dänemark
КопенхагенФотографија: AP

„Данците рекоа: ако сакаш да ја донесеш жена ти овде во Данска, тогаш таа мора прво да живеела во некоја друга земја на ЕУ“.

Ваквото попречување значи кршење на правото на слобода на движење и населување во ЕУ, констатира подоцна Европскиот суд. Данците не ги интересира дека Петер е жител на ЕУ, Џејн не смее да работи.

„Му пишав на омбудсманот, и на министерката за интеграција Бирде директно, но од неа немам добиено никаков одговор; всушност, преземав се’ што можеше да се направи“, вели Петер.

Омбудсманот во меѓувреме јавно ја критикуваше данската влада, но долго време Петер од тоа немаше никакво фајде. Тој побара поддршка од здружението „Брак без граници“, кое се ангажира за случаи како неговиот. За Давид Хопман, соработник на здружението, пресудата од Луксембург е јасна.

Fußgängerzone in Kopenhagen
Пешачка зона во главниот град на ДанскаФотографија: Bilderbox

Рестриктивна политика

Додека ЕУ се реши за еден полиберален пат, Данска се определи за рестриктивна политика на доселување, оти десно-либералната владина коалиција на премиерот Андерс Фог Расмусен зависи од поддршката на десните популисти. Но, Хопман укажува на еден друг момент:

„Во Данска нема можност како во Германија да се јавиш во Уставниот суд во Карслруе и да речеш: овде има еден принципиелен проблем со законот. Овде мора засегнатиот да тужи“.

Хопман, инаку, смета дека е лажен аргумент што данската влада, која со години со својата регулатива го тераше бинационалните брачни двојки во егзил во странство, сега се прави како да не знаела за европските правила. Државата Данска сега мора да стори нешто, но Давид Хопман сепак е сигурен дека толку долго ќе се работи врз промените, што и во иднина ќе остане тешко доселувањето за луѓе кои не се граѓани на Унијата.

Чекор напред

Петер и Џејн во меѓувреме се чекор понапред: Џејн има документ за престој, со тоа е и здравствено осигурана, може да работи и да посетува курс по дански јазик. Па сепак...

„Сега ќе ја тужам данската држава, оти не се придржува кон правилата што постојат од пред 4 години, како и поради испуштените приходи во период од двеипол години“, вели Петер Вагенер. Оти, од свадбата, живеат само од неговите примања. Дури и ако обесштетувањето биде само една данска круна, за Германецот во Данска е битен принципот.