1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неможното да се направи можно

P.Philipp29 мај 2007

Коментар на Петер Филип

https://p.dw.com/p/AnyC
Иранското и американското знаме како симбол за средбата во Багдад
Иранското и американското знаме како симбол за средбата во БагдадФотографија: AP Graphics

САД и Иран првпат по скоро три децении, повторно започнаа дипломатски преговори. Претставници на двете земји се состанаа вчера во Багдад на разговори за кризата во Ирак. Спорните прашања, како иранската атомска програма, не беа на дневен ред.

Кога се сака тогаш е можно и она што најчесто се оценува како неможно. Американците и Иранците, по четиричасовната средба на нивните амбасадори во Багдад, се побогати за ова искуство. Долго се зборуваше за ваква средба, но секогаш во последен момент се јавуваше некаква пречка. Некогаш американскиот претседател Џорџ Буш поставуваше предуслови што Техеран не беше готов да ги исполни, некогаш се колебаше иранскиот врховен лидер Али Хамнеи. Потоа се појави зелено светло.

А, по скоро три децении дипломатски мраз, двете страни имаат многу за кажување. Меѓутоа, средбата во Багдад не беше закажана за тоа. Стана збор само за Ирак и како да се оконча страшната ескалација на насилство во оваа земја. Ќе беше премногу да се очекува, ваква дебата да мине без обострани префрлувања. Техеран ги обвинува САД за насилството во Ирак и бара повлекување на трупите, а Вашингтон му префрлува на Иран мешање во конфликтот. И покрај тоа, можеше да се констатира дека за конкретни прашања разликите и не се толку големи: Иранците како и Американците посакуваат мирен и безбеден Ирак што нема да предизвикува немир во соседството, но и на целиот Блиски исток. Меѓутоа, во проценките на развојот во Ирак и натаму постои голема несогласност, што не датира од вчера.

Сепак, обете страни сакаат не само да му помогнат на Ирак, туку можеби поставија и камен темелник за расчистување на другите билатерални проблеми. Сигналите за тоа не се лоши: Иран предложи воспоставување еден вид тројна комисија со САД и ирачката влада што ќе ги дебатира проблемите во ирачкиот конфликт. Американскиот амбасадор Рајан Крокер подвлече дека тоа не беше смислата на средбата и дека решение за тоа треба да донесе Вашингтон. Претседателот Буш нема да постапи добро ако одбие таква понуда. Ниту пак Техеран треба да се исплаши од сопствениот кураж и да опстои на зборот.

Кога иранскиот министер за надворешни работи Манухер Мотаки сега бара, Вашингтон прво да го признае неуспехот на неговата политика кон Ирак, тоа е првото предупредување дека Техеран би можел да се колеба. И спорот околу апсењето на иранско-американските граѓани, како и претходно на петтемина Иранци во Ирак, би можеле да бидат причини за неуспех за евентуалното продолжување на дијалогот. А, токму спротивното би требало да се случи: и покрај сите проблеми меѓу Техеран и Вашингтон, двете страни треба да ја искористат шансата и неможното да го направат можно.

Петер Филип