1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неонацистичка пропаганда во училишен двор

Катарина Буес/ Алесандра Трајковска3 мај 2013

Неонацистите ја променија својата стретегија. Партијата НПД својата рекламна кампања редовно ја насочува кон учениците. Музиката притоа игра одлучувачка улога. Меѓутоа деснорадикалните идеи тешко се препознаваат.

https://p.dw.com/p/18Kip
Фотографија: picture-alliance/dpa

Националдемократската партија на Германија (НПД) од 2004 година на учениците, воглавно малолетни, бесплатно им дели ЦД-ња со песни. Целна група на НПД се младите луѓе. НПД до сега на изборите најмногу гласови добиваше од бирачите на возраст од 18 до 25 години. На последните избори во Берлин во 2011 година, од оваа старосна група при гласањето партијата доби 3,5 проценти, додека кај оние над 60 години само 1,2 проценти. Можеби музичката кампања на НПД имала одреден ефект.

Забрана за рекламирање во училишните дворови

Јулијан Монако од НПД вели: „Се обидуваме да ги сензибилизраме младите луѓе за политика и да ги привлечеме на наша страна“. Тој дополнува дека музиката е особено погодна да транспортира политички пораки, бидејќи е поврзана со емоции. Меѓутоа дали тоа воопшто е дозволено? Генерално во училиштата важи забрана за реклами на политичките партии. „Затоа ЦД-та ги делевме во околината на училиштата и на патиштата што водат до нив“, вели Монако. Имено во јавниот простор, значи на улица, завршува надлежноста на училиштата.

NPD - Schulhof - CD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Рекламирање и дистрибуција на спорните ЦД-ња е забранета од 13. март од страна на Централата за проверка на медиуми кои ги загрозуваат младите.  Во образложението за забраната се наведува дека тие негативно влијаат врз младите и дека со песните се велича националсоцијализмот. Државниот секретар за образование во Берлин, Марк Раклес смета дека не е толку голема опасноста од такви ЦД-ња. Училиштата се сензибилизирани за темата, а системот за превенција во Берлин според него е делотворен. 

Според политичарот од НПД Монако пред да биде воведена забраната биле поделени околу 40.000 такви ЦД-ња. Од оваа бројка само во Берлин биле поделени околу 1.000 примероци. Изабел Калбицер од берлинската управа за заштита на уставот не верува дека се поделени толку многу ЦД-ња. Таа меѓутоа предупредува: „Музиката ги интересира младите луѓе, тоа го користи НПД, за целно да им се обрати“. Таа не била единственото средство, за младите да се привлечат кон десничарската сцена „Но тоа може да биде само почеток“, подвлекува Калбицер.

Покраинското оддел за односи со учениците нуди информациони тури во училиштата и одржува предавања за неонаци-сцената. На тие предавања со младите се дискутира и десничарскиот начин на живот: „Учениците се’ уште во глава ја имаат сликата на ќелави лица со војнички чизми“, вели Денис Мадер од покраинскиот одел за односи со учениците. Меѓутоа тоа веќе одамна не е така. Денес е тешко веднаш да се идентификува неонацист. Кодовите на облеката станаа децентни, долгата коса веќе не е табу и освен десно-екстремната рок музика, се слушаат и хип-хоп и електронска музика. Текстовите, вели Мадер делумно се исто така децентни, „Учениците имаат се’ повеќе проблеми да препознаат дека се работи за неонацистичка музика“.

.
Денис МадерФотографија: DW/K. Bueß

НПД наведува дека за претстојните сојузни парламентарни избори, кои се одржуваат во септември, планира да реализира нова акција за делење ЦД-ња.