1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неопходно вмешување на меѓународниот фактор!?

8 февруари 2011

Несериозен однос на неодговорни политичари кои ја водат земјата кон длабока политичка криза. Со ваква оценка дел од политичките аналитичари во Македонија реагираат на вчерашниот лидерски самит.

https://p.dw.com/p/10ChE
Претседателот на државата Ѓорѓе ИвановФотографија: Silvera Padori

Во атмосфера на длабока поделеност и дијаметрално спротивставени ставови на политичките опоненти, експертите сметаат дека е неминовно вклучување на меѓународниот фактор. Професорот Билјана Ванковска смета дека политичката криза која ја предизвикала опозицијата имала токму за цел да го инволвира меѓународниот фактор:

„Извесно е дека Македонија од полуфингирана криза влегува во отворена криза затоа што од оној момент кога странците ќе се инволвираат паѓаат во вода сите досегашни позитивни оценки за прогресот на државата и пред НАТО и ЕУ. Политичките лидери се неодговорни, затоа што колатерална штета е иднината на земјата. Наместо да правиме чекор напред или половина чекор напред, ние правиме два чекора назад“, вели Ванковска.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski in Straßburg
Премиерот Никола ГруевскиФотографија: Agentur MIA

Неопходно скоро решение

Со сличен став е и професорот Мерсел Биљали, кој со доза на песимизам не предвидува поволен развој ако многу скоро нешто не се промени: „Кризата се продлабочува со сериозни шанси да се искомплицира и уште повеќе да се претвори во еден политички конфликт со елементи на дестабилизација. Не гледам скорешен излез од оваа криза зашто е потребна политичка волја, што за жал кај нас е во голем дефицит. Мислам дека само огромниот внатрешен и надворешен притисок може да ја натера власта да попушти околу важните сегменти. Мислам дека опозицијата оправдано стравува од предвремени избори во ситуација на тотална контрола на поголемиот дел медиуми од страна на власта“, вели Биљали.

Услови на опозицијата

Клучниот услов за деблокада на политичкиот процес според лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски останува да се одмрзне сметката на А1, по што би следела и постапка за уставни измени во делот на судството и изборниот законик како вистинска подготовка за регуларни избори. Ова за премиерот Никола Груевски е нелегитимно и покажува дека опозицијата воопшто и не сакала предвремени избори.

Mazedonischer Präsident, Branko Crvenkovski
Лидерот на опозицијата Бранко ЦрвенковскиФотографија: Petr Stojanovski

„Констатациите од страна на власта дека таа не се меша во судската власт апсолутно не држат. Од месечината се гледа дека таа не само што ја контролира, туку директно е влезена во судската власт“, смета Биљали, а Ванковска порачува: „Ако политиката излезе надвор од границите на правото едноставно тука не можете да барате демократија. Дури и колку и да е власта авторитарна или ја злоупотребува својата моќ во смисла на манипулирање или искривување на тие рамки, сепак ваквите обиди политиката да се прелее надвор од институциите едноставно не зборува добро за државата.“

Во мозаикот на засилена дипломатска активност, но и своевиден притисок за деблокада на политичкиот процес во земјата, според се’ уште неофицијални информации, се вклучува и американскиот заменик-помошник државен секретар Томас Кантримен, кој деновиве се очекува во Скопје. Активна е и германската амбасадорка Улрике Марија Кноц, која денеска напладне во седиштето на СДСМ ќе разговара со раководството на оваа партија.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Горан Чутаноски