1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Непогоден момент за последниот чекор во распаѓањето на Југославија“

Нада Штајнман24 мај 2006

Интервју на Нада Штајнман со професор д-р Кристијан Фос од Универзитетот во Фрајбург за состојбите на Балканот по референдумот во Црна Гора и за црногорскиот идентитет и иднината на таа земја

https://p.dw.com/p/Ac6N
Радост на приврзаниците за независност по прогласувањето на резултатите од референдумот во Црна Гора
Радост на приврзаниците за независност по прогласувањето на резултатите од референдумот во Црна ГораФотографија: AP

Прашање:

На Балканот имаме нова независна држава и со тоа политичката карта на регионот ќе се менува. Црна Гора еднаш веќе беше суверена држава во 1878 година. Сега имаме повторно самостојна црногорска држава. Што значи тоа историски гледано за Балканот и за Европа?

Одговор:

Националистите во Црна Гора радо воспоставуваат паралели меѓу референдумот од минатата недела со декларирањето независност во 1878-мата. Но, тоа од историска гледна точка не е на место. Создавањето независна црногорска држава во 1878-та се должи на влијанието на големите сили, а референдумот е резултат на волјата на народот.

Треба да се спомне дека Црна Гора е планинска земја и тоа го потхранува митот дека никогаш не била окупирана од Турците. На Турците навистина им беше премногу тешко да се искачуваат во високите планини и Црногорците имаа одредени слободи, што соседните народи во регионот ги немаа. Тоа овозможи толку рано да се прогласи независност. Но, тоа што порано постоела некаква државна творба, тоа не значи автоматски дека со тоа била создадена одредена нација.

Прашање:

Кога размислуваме за тоа што е Црна Гора, тогаш имаме две основни мислења што се однесува до националниот идентитет. Едното е дека Црногорците се посебна нација, со сопствена традиција и посебен јазик што се разликуваат од Србите. Другото е дека Црногорците се подгрупа на големата српска нација. Што мислите Вие, што се Црногорците, каков е нивниот идентитет?

Одговор:

Националниот идентитет на Црногорците е навистина спорен, бидејќи тој регион веќе многу долго има заедничка судбина со Србите. Старата српска држава од 12 и 13-тиот век беше позиционирана многу повеќе на југ, на просторите на сегашно Косово и во Црна Гора. Поради турското ропство немаше континуитет на државноста, така што српската државност тукуречи почнува од почеток во 19-тиот век. И овде мора да се каже дека и покрај големата блискост и јазичната сличност меѓу Србите и Црногорците, тие одеа по различни политички патишта бидејќи српската културна и политичка елита од Војводина, значи од тогашното Хабзбуршко царство, водеше политика, додека Црногорците сеуште беа дел од Османлиското царство. Дури подоцна одеднаш тие стекнаа независност во спомнатата 1878-ма.

Интересно е да се погледне каков беше идентитетот на Црногорците околу 1900-та година. И тогаш имаше два блока, како и денес, кога едните се чувствуваат многу тесно поврзани со Србија, а другите сакаат независност. Околу 1900-та година состојбата беше таква што помладата генерација, интелектуалниот слој, кој можеби и студираше во Србија, патуваше и познаваше можеби и други држави. Тие демократска Србија ја сметаа за попривлечна од конзервативната Црна Гора, во која во владееше кралот. Во Црна Гора и денес имаме различно национално чувство, што е многу субјективно.

Прашање:

Сега, по референдумот, многумина тврдат дека ваквата одлука за независност од историски аспект е сама по себе разбирлива. Во колкава мера е тоа така според Ваше мислење?

Одговор:

Кога зборуваме за таа одлука, треба да погледаме каков е составот на гласови, што е многу интересен. Меѓу заговорниците на независност имаме од една страна црногорски националисти, кои многу силно го нагласуваат религиозното и црковно наследство на Црна Гора. Од друга страна, меѓу оние кои се залагаа за независност се наоѓаат и големите малцинства на Албанци, како и муслимани Бошњаци. Тоа е коалиција која не е трајна, станува повеќе збор за сојуз со кус век, бидејќи во него важна улога имаат етничките групи кои имаат силно анти-српско расположение. Трета група заложници за независност се оние кои од чисто реално-политички причини сакаа одвојување од Србија во надеж дека побрзо ќе стигнат до ЕУ, доколку не им тежи државната заедница со Србија, која е оптоварена со неисполнетите обврски кон меѓународната заедница за испорачување на воените злосторници. Поради тоа се појавуваат сомнежи дали оваа коалиција за создавање нова граѓанска држава е навистина и трајна и способна да го поднесе политичкиот товар.

Прашање:

Според мислењето на многумина коментатори, со независноста на Црна Гора дефинитивно е погребана поранешна Југославија. Го делите ли и Вие тоа мислење?

Одговор:

Првата Југославија, што постоеше помеѓу Првата и Втората светска војна, се викаше Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Тоа значи беше таканаречениот „троимен народ„ и во таа државна творба Македонците, Бошњаците и Црногорците воопшто не беа ниту спомнати, а камоли признати. По 1945-та, Тито водеше поинаква политика на национален план и тој ги призна и Македонците и Црногорците како по еден од шесте уставни народи. Вака погледнато со црногорскиот референдум поранешна Југославија се распадна токму на овие шест составни дела. Беше судбинска грешка да му се додели на секој народ по една република, бидејќи имаме големи малцинства во нив.

Интересно е што во Македонија албанското малцинство многу рано најави протест против македонската национална држава. Тоа со големо задоволство гледаше на анти-македонската кампања во Грција и во Бугарија. Значи албанското малцинство, повеќе или помалку отворено, се сомневаше во легитимноста на македонската држава. Во Црна Гора имаме токму спротивен случај, бидејќи тамошното муслиманско малцинство ја поддржува националната црногороска творба, која има корени во христијанското средновековие.

Прашање:

Дали одлуката на референдумот ја покажува само волјата на црногорското население или пак зад тоа имаше и други игри, влијание и на други, европски држави?

Одговор:

Јас не сум политиколог и од тука не можам компетентно да Ви одговорам на ова прашање. Треба да видиме дека сегашниот развој има одредена сопствена динамика. Знаеме дека Словенија и Хрватска како први се издвоија од поранешната државна творба. Македонците отидоа во независност, донекаде против сопственото уверување, тие беа многу лојални, па дури и горди Југословени, по традиција многу пријателски настроени кон Србите. Истото би можело да се каже и за Црногорците. Но, кога една државна творба се повеќе и повеќе се распаѓа, тогаш можеше да се случи во 90-тите години да се појави еден Ѓукановиќ кој можеше да му ја објасни на населението потребата од отцепување. Тогаш се појавија и првите јазично-политички инцијативи, за создавње посебен црногорски јазик. Ваквите сепаратистички тежненија во Црна Гора добија и голема поддршка од Европа, додека на власт беше Милошевиќ. По неговото симнување од власт, ЕУ одеднаш го сврте листот и инсистираше Србија и Црна Гора да останат заедно. Значи и политиката на Западот овде беше неконсеквентна и кусогледа.

Прашање:

Во времето на глобализација и на создавање големи стопански и политички целини, ќе може ли да се сопре ваквиот процес на раситнување, на создавање мали држави? Ќе може ли да се затвори Пандорината кутија по овој случај?

Одговор:

Дури и ако ваквиот исход на референдумот ни се чини непожелен, сега ЕУ не може повеќе да го спречи тој процес. Во секој случај можно е најновиот развој во Црна Гора да има влијание на домино ефект. Знаеме дека албанското, односно српското прашање можат да се развијат по таков терк каде работите една со друга се поврзани. Следната точка на дневниот ред е секако прашањето на статусот на Косово. Многумина тоа пак го поврзуваат со статусот на Република Српска, која евентуално сака да и‘ се приклучи на Србија итн. Значи, ова е непогоден момент за последниот чекор во распаѓањето на Југославија, цели 11 години по последната војна на тие простори и 7 години по ескалацијата на косовската криза.

Прашање:

Порано кога другите балкански држави прогласуваа независност имаше војни. Дали и сега постои таква опасност?

Одговор:

Такво нешто не може да се очекува. Јас не знам како ќе се поделат воените капацитети меѓу Србија и Црна Гора, веројатно Црна Гора ќе се откаже од својот дел како што тоа го направи порано Македонија. Значи не се очекуваат воени судири. Сметам дека вистинскиот Гордиев јазол во регионот е всушност косовското прашање, кое мора да се разреши по дипломатски пат. Црногорското прашање секако не дава поволен контекст за решавање на косовското, но ова второво и без Црна Гора е многу итно и многу комплицирано прашање.

Прашање:

Сега се јави за збор и црногорскиот монарх, кој ги спомнува неговите сопственички права во земјата. Тој не бара да се врати на тронот, освен ако тоа не го посака народот. Сметате ли дека Црна Гора може повторно да стане монархија?

Одговор:

Ново создадената држава мора да се легитимира, прво пред сопствениот народ, а потоа и нанадвор, пред големите сили кои решаваат за неговата судбина, пред се‘ пред ЕУ. Таквата легитимација уследува преку симболи. Голем историски симбол на Црногорците е времето меѓу 1878-та и Првата светска војна. Тоа е династијата на Његош, држава во која црквата имаше многу силна улога и беше споена со државата преку монархот. Тоа секако не е добра слика за создавање модерна демократска држава, која сака да ги интегрира и малцинствата. Овде Црногорците мораат многу да внимаваат да не ставаат преголем акцент на христијанската симболика за да не ја загубат лојалноста на големите муслимански малцинства, кои одиграа и голема улога при референдумот за независност. Во спротивен случај може да дојде до голем пожар, во кој ќе биде вклучена и Босна и Косово, значи директните соседи на северот од Црна Гора, каде има силно муслиманско мнозинство.

Прашање:

Како што дознавме, Србите се сега олеснети поради отцепувањето на Црна Гора. Може ли на таквиот став да му се верува?

Одговор:

И јас го слушнав тоа од повеќе страни... Прво, Србите можеа да предвидат дека тоа ќе се случи, а второ, големата загуба на која Србите се подготвуваат е всушност Косово. Тоа има најдолготрајна и највисока симболичка вредност за нацијата и затоа таа загуба ќе биде многу потешка отколку загубата на Црна Гора. Затоа може да се верува кога Србите велат, знаевме дека тоа ќе се случи со Црна Гора. Згора на тоа, при петдецениското живеење во Титова Југославија, Црна Гора беше посебна република, а Косово беше српска покраина. Според таквата логика Србите не губат дел од својата национална територија со заминувањето на Црна Гора, што е сосема поинаку со Косово, кое се смета за многу централен дел на Србија, секако од гледна точка на српскиот национализам.

Прашање:

Еден од аргументите во полза на незавиноста на Црна Гора беше дека таа полесно ќе стане дел од ЕУ доколку чекори понатаму сама. Дали европската опција е единствена добра опција за сите балкански земји?

Одговор:

Сметам дека тоа е најдобрата опција и дека е голема грешка на европската политика во последните 15 години тоа што на едни јужнословенски народи им нуди релативно јасна европска перспактива, а на други не. Јас сум оптимист и мислам оти европската перспектива има позитивни резултати и од таа гледна точка треба да има разбирање на Црногорците кои велат, ние сакаме во ЕУ и ако Србија не е во состојба да се раздели од своите воени злосторници, тогаш ќе се обидеме сами и на тој начин патот ќе ни биде евентуално покус.