1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Непогодно време за српските ЕУ перспективи“

АТ/ Ди Пресе/ ФАЦ/ НЦЦ23 април 2013

Весниците на германски јазик и денеска го коментираат постигнатниот договор меѓу Белград и Приштина. Преовладува ставот дека тој ги отвора ЕУ перспективите на двете земји, но...

https://p.dw.com/p/18LK3
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Со мамка за пристап надворешната политика на ЕУ постигна успех во косовскиот конфликт. Сега тој се свети, оти освен членство нема друга алтернатива“, пишува австрискиот весник „Ди Пресе“.

„Едноставно е кога се задскриваме зад навидум нерешливи конфликти. Во декември водечките ЕУ политичари исклучија скорешен почеток на преговорите за пристап на Србија. Се’ додека косовскиот конфликт не биде решен, нема разговори, беа едногласни политичарите од Жан Клод Јункер до Ангела Меркел. Овие задршки потсетуваат на аргументацијата за блокираните преговори за пристап со Турција. И во тој случај се нагласуваше и се нагласува, дека без решение на кипарското прашање не би можело да има напредок. Тоа се пречки, кои се добредојдени за многумина. Впрочем повторно проширување во моментов речиси да нема мнозинство. Преголеми се интерните проблеми на ЕУ.

Во случајот со Србија станува очигледно, што се случува кога ваквите пречки ќе паднат како аргумент.(...) Сега ЕУ внатрешно почитички стои пред речиси уште поголем проблем. Имено таа мора да го исполни ветувањето“, пишува „Ди Пресе“ и заклучува:

„Приемот на Србија - иако се случи за  десет години - е пологичен, отколку оваа земја заедно со нејзините соседи Албанија, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина и Косово да се изолираат за секогаш и да се истуркаат во нови националистички процеси на самопронаоѓање. Дури и оние задршки кои во моментов со право се изнесуваат, стануваат излишни. Така дури преговорите за пристап со земји како Србија овозможуваат воопшто да се запрат организираниот криминал, корупцијата, криумчарењето луѓе на Западниот Балкан. Населението на ЕУ, кое мора да носи едно вакво проширување, токму во вакви непогодни времиња за проширување има право, овојпат да се преговара со сите консеквенции и жестина - безкомпромисно во смисла на заедничкото стопанство, но и во смисла на индивидуалната безбедност“.

„На пат“ е насловот на коментарот во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за српско-косовскиот договор.

„Владите на Србија и на Косово зачекорија на патот на нормализација - тоа е добро и правилно и Србија и косовските Албанци ги извлекува од историско-политичката слепа улица. Да се надеваме! Очигледно е кој, исто и токму во преносна смисла е кум на оваа спогодба: Европската унија. (...) Но тоа обратно не треба да значи, дека сега ЕУ е обврзана  и би морала Белград и Приштина веднаш да ги награди со датум за отворање на преговорите. Прво двете влади мора да докажат  дека и во секојдневието сериозно сметаат со помирување и нормализација; тие би мора да ја реализираат спогодбата и да се справат со отпорот во сопствените редови,“ пишува „ФАЦ“.

„Бриселскиот договор меѓу Србија и Косово е важен чекор на приближување. Додека Белград доби уверување за зачувување на автономијата на косовските Срби, Приштина може да го прошири влијанието на полицијата и правосудството на северот“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“ и продолжува: „Двете држави со договорот отфрлија идеолошки товар и полагаат на идеолошка коегзистенција. Од тоа подеднакво профитираат и Белград и Приштина, пред се’ во поглед на посакуваната интеграција во ЕУ“, пишува „НЦЦ“.