1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непреведливото дело на Гинтер Грас

23 март 2011

Јазикот со кој се служи германскиот писател Гинтер Грас и досега важеше како неедноставен. Но, новото дело дури и самиот автор, го прогласи за непреведливо. Тој неодамна на оваа тема разговараше со преведувачите.

https://p.dw.com/p/10g66
Гинтер Грас

Јазикот со кој се служи германскиот писател Гинтер Грас и досега словеше како неедноставен. Тоа лично, на своја кожа, го почувствуваа бројни преведувачи на нобеловецот. Но, новото дело дури и самиот автор го прогласи за непреведливо. Славниот писател неодамна се сретна со преведувачите на своите дела во Европскиот преведувачки институт, во западногерманскиот град Штрелен.

Предизвици за преведувачите

Како да се преведе љубовна изјава од германски јазик? Гинтер Грас со сласт го пуши своето луле во библиотеката на Преведувачкиот институт, седејќи на иста маса со јазичните акробати од цел свет кои со години се занимаваат со преводи на неговите дела на својот мајчин јазик.

„На последната средба на преведувачите, кога се работеше за мојата книга ’Бокс’, најавив дека работам на ново дело, кое нема да може да се преведе, тоа беше моја проценка“, објаснува Грас.

Тогаш само еден човек му се спротивстави на Грас, Холанѓанецот Јан Гилкенс, со констатацијата: за можноста нешто да се преведе оценува преведувачот, не авторот.

Но, и за холандскиот германист, кој веќе 12 години ги пренесува на својот јазик делата на Грас, романот „Зборовите на браќата Грим“ е исклучителен предизвик. Во најновиот роман Грас се потпира на германската азбука, т.е. на одделни зборови од „Германскиот речник“, чие составување браќата Јакоб и Вилхелм Грим го започнале во 1938 година, а кој подоцна, познат едноставно како „Грим“ израсна во неизоставен дел од германската лексикографија. Грас со секоја буква врзува една епизода од својот живот и создава некој вид абецедна автобиографија и водич низ германската историја и култура. Делото е преполно метафори и игри на зборови кои надвор од германскиот јазик губат секаков смисол. Уште првата реченица ги фрла преведувачите во очај: „Од А како анфанг до З како Цетелкрам’, што би значело „ Од А како почеток, до З како салата од хартиички“, но тоа секако не е превод кој би можел да го задоволи еден добар преведувач. Веќе овој пример покажува дека преводот нема смисол или барем не оној кој го има во германскиот јазик, пред се‘ заради тоа што почетните букви на наведените поими на другите јазици не се во склад со оние на германски. Да се пронајдат соодветни поими во другите јазици, претставува вистински ноќен кошмар.

Polen Günter Grass Gdansk Vertreibung Flash-Galerie
Фотографија: DW

Но, преведувачите не се предаваат. Веќе споменатиот Јан Гилкенс опуштено забележа дека за него сето ова не претставува проблем поради сличноста на германскиот и холандскиот јазик и поради одврзаните раце кои Грас им ги дава на своите преведувачи. Грас и овојпат ги охрабри преведувачите на уште поголема слобода.

„Сега ќе се покаже дали преведувачите се сметаат доволно силни за ослободување во рамките на својот јазик, па и на неговата историја и дури да настапат како автори, со резултати кои ќе ме изненадат и мене самиот како творец на делото“, порача Грас.

Германскиот нобеловец тука не е премногу суетен. Она на што е чувствителен пак, е преведувачката цензура. Така еден португалски преведувач изоставил некои делови од романот „Мачка и глушец“, сметајќи ги за сексуално преслободни.

Важен контакт на писателот и преведувачите

Günter Grass in Frankfurter Buchmesse 2009
Грас на Франкфуртскиот саемФотографија: DW

На Грас му е многу важен контактот со преведувачите на неговите дела. Традиција стана средба и разговор со нив по секоја негова новоиздадена книга.

„Морам да признаам дека при пишувањето не размислувам воопшто какви тешкотии ќе имаат преведувачите, зашто во таков случај би почнал да се служам со јазик кој би бил погоден за некој вид глобализација, но би бил премогу плиток“, заклучува Грас.

Автор: Александра Шерле/Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска