1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непризнавањето на малцинствата е европски проблем

Тони Гламчевски 11 март 2009

Ни претстои уште многу работа за да можеме да бидеме задоволни со почитувањето на човековите права во Европа - оценува Комесарот на Советот на Европа, Томас Хамарберг во интервју за Дојче Веле.

https://p.dw.com/p/H9fb
Томас Хамарберг, комесар на Советот на Европа за човекови праваФотографија: Toni Glamcevski

Господине Хамарберг, поводот за нашиот разговор е Вашиот извештај посветен на ситуацијата на малцинствата во Грција. Позицијата на Грција е дека не постојат малцинства на нејзина територија, освен муслиманското. Вашиот извештај, извештајот на американскиот Стејт депармент и оној на независниот експерт на ООН, Мек Дугал, го тврдат спротивното: дека во Грција постојат и други малцинства. Дали ваквата позиција на Грција, како земја членка на Советот на Европа, е одржлива?

Факт е дека од европските земји Грција не е единствената, која не признава постоење на малцинства на своја територија, тука се и Турција, Франција... Позицијата на овие земји е дека ако официјално се признае постоењето на малцинство, тогаш се појавуваат ризици од дискриминација и нивно изложување на предрасуди од остатокот на населението. Значи нивната официјална позиција за негирање на постоењето на малцинство се правда со намерата да се заштити тоа малцинство од дискриминација. Затоа Советот на Европа ја донесе Европската рамковна конвенција за заштита на националните малцинства, која дозволува да се избегнат кршењата на правата на малцинствата и нивната дискриминација.

Всушност, големата дилема е како да се дефинира едно малцинство, затоа е ставено правото на самоопределување, според кое малцинството самото се определува, за да се избегне ситуацијата на негативно сваќање на поимот на малцинство. Кога властите на една држава одбиваат да признаат некое малцинство, кое самото се определува како такво, тогаш е природно што остатокот од населението го гледа тоа малцинство негативно и на дискриминаторски начин. Фактот што му се одзема правото да се самоопредели и да создава здруженија, партии, може да се смета како сериозно кршење на правото.

Дали со правото на самоизјаснување на попис, на кој луѓето слободно би можеле да кажат како се чувствуваат, може да се реши проблемот со непризнавањето на нивното постоење?

Да, сметам дека комбинацијата на пописот со процесот на самоопределување е нешто позитивно затоа што им дава можност на граѓаните да се изјаснат и да ја искажат нивната припадност кон една група. Како последица, државата е принудена да признае дека постојат луѓе кои изразуваат желба да и’ припаѓаат на една малцинска група, а со тоа и правото да создаваат здруженија, да издаваат весници и да се собираат како група. Да, пописот може да биде корисен метод за да се идентификува постоењето на малцинство.

Russland Georgien OSZE Menschenrechtskommissar Thomas Hammarberg
Пописот е корисен инструмент за заштита на малцинствата, оценува ХамарбергФотографија: AP

Сличен е и проблемот во Бугарија, која исто така не го признава постоењето на македонското малцинство. Може ли да се рече дека непризнавањето на македонското малцинство во Грција и Бугарија е регионален проблем и наследен од минатото?

Да, овој проблем има историска заднина во некои делови на Европа . Но, во модерна Европа, денес мора да се признае дека луѓето можат да имаат различни идентитети, дека тие можат истовремено да и’ припаѓаат на една малцинска група и истовремено да бидат лојални граѓани на државата и во однос на мнозинското насление. Луѓето имаат различни идентитети. Интересна последица од размислувањето за човековите права е дека малцинствата би требало да бидат признати доколку сакаат да бидат признати.

Непризнавањето на македонското малцинство од две земји, во кои има лица кои самите се изјаснуваат како Македонци, дали тоа всушност е регионален проблем?

Да, тоа е регионален проблем, но тоа исто така е и европски проблем, всушност тоа е општ проблем. Овие проблеми доаѓаат пред Судот за човекови права во Стразбур, но проблемот е во тоа што пресудите не се почитуваат во целост ниту во Грција, ниту во Бугарија. Се надевам дека ќе продолжат дискусиите и дијалогот по ова прашање, а нашите извештаи ќе придонесат да се подобри нивната ситуација, како и дискусијата - секогаш во рамките на почитувањето на човековите и малцинските права.

Господине Комесар, Вие веќе зборувавте за нецелосното почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, кога станува збор за пресуди што се однесуваат на македонското малцинство. Грција и Бугарија ја исплаќаат оштетата, но за индивидуалните мерки како нивната регистрација ништо не е направено. Дали Советот на Европа и меѓународната заедница располагаат со средства за да ги принудат овие земји да ги исполнат нивните обврски?

Во системот на Конвенцијата за човекови права се подразбира дека државите членки треба да ги почитуваат и спроведат одлуките на Европскиот суд за човекови права што е можно побрзо и на најдобар начин. Тоа е општата одредба на конвенцијата. Но, постои и специјална процедура која се спроведува за да се осигура дека ќе се случи такво нешто. Таа процедура подразбира дека Комитетот на министрите, постојано следи дали државите ги исполнуваат пресудите. Во рамките на Комитетот работи еден посебен секретаријат, кој ги подготвува дискусиите. Министрите во Комитетот одлучуваат за тоа дали пресудите се спроведуваат или не и тие се занимаваат и со двата случаи за кои зборуваме.

Einweihung des neuen Europarat Gebäudes
Советот на Европа се грижи посебно за малцинстватаФотографија: Council of europe

ОМО Илинден-Пирин, девет години по создавањето како политичка партија се’ уште не може да учествува во политичкиот живот на Бугарија - и покрај неколкуте пресуди во негова корист, донесени од Европскиот суд за правата на човекот. Што мислите, дали може да се зголеми притисокот врз Бугарија за да ја регистрира оваа политичка партија, што се залага за почитување на правата на македонското малцинство во Бугарија?

Овој предмет беше пред Судот во Стразбур, во моментов се’ уште се водат дискусии во Комитетот на министрите. Не знам точно до каде се дискуиите, но се надевам дека Бугарија целосно ќе ја спроведе оваа пресуда.

Бугарија ја ратификува Европската рамковна конвенција за заштита на националните малцинства, но таа не се однесува на македонското малцинство. Можно ли е да се прошири нејзината важност, така што ќе го опфати и македонското малцинство во оваа земја? И воопшто, дали може лесно да се измени Конвенцијата, со што на владите нема да им се дозволи самите да одлучуваат кои малцински групи ќе бидат признати како национално малцинство?

Не, се разбира дека не е лесно да се измени Конвенцијата. Како што беше усвоена, таа им дозволува на владите да одлучат кои малцинства ги признаваат или не ги признаваат. Сметам дека треба да се концентрираме на фактите и да се надеваме дека ќе најдеме добро решение за овој проблем, за кој зборувате. Се надевам дека јас или моето биро ќе имаме можност да водиме разговори со бугарските власти за да видиме што може да се направи конкретно за овој случај во духот на човековите права.

Thomas Hammarberg, neuer Menschenrechtskommissar des Europarats
Ќе разговараме со бугарските власти за проблемот со македонското малцинство, најавува ХамарбергФотографија: picture-alliance/dpa

Господине Хамарберг, можеме ли да бидеме задоволни од начинот на кој се почитуваат правата на националните малцинства во Европа?

Мислам дека остануваат уште многу големи проблеми, иако е многу и направено. Нашето биро работи многу на ситуацијата и правата на ромското население, за нивните малцински права да се почитуваат ефективно во секојдневието, во реалноста. Ние сме загрижени и за односот кон мигрантите, барателите на азил и бегалците, кои доаѓаат во Европа од различни страни на светот. Европа за жал не е совршена и останува уште многу да се направи. Иако има напредок, но претстои уште многу работа за да можеме да бидеме задоволни со тоа дека човековите права целосно се почитуваат во Европа.