1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непримерна критика на рејтинг агенциите

9 јули 2011

Намалувањето на рејтингот на Португалија одново предизвика бура критики на сметка на рејтинг агенциите. Но, овие критики, вели коментаторот на Дојче веле, се упатени на погрешна адреса.

https://p.dw.com/p/11sBi

На Португалија и на Романија едно нешто им е заедничко: обете држави се членки на ЕУ. И едната и другата, мака мачат со економски проблеми, и се спасуваат со вонредни кредити на ММФ и ЕУ. Но каква врска има тоа со трите големи американски рејтинг агенции кои овие денови се најдоа на ударот на критиките?

Одговорот лежи во фактот, дека една од тие агенции драматично ја намали кредитната способност на Португалија, додека во истовреме го зголеми бонитетот на Романија. Првиот случај предизвика жестоки политички реакции, а вториот речиси никакви. Тоа е можеби така затоа што Владата во Букурешт своите обврски за подобрување на економијата ги заврши како што треба. Внатрешната задолженост на Романија изнесува 30 проценти, додека во Португалија тоа е околу 93 отсто.

Лицемерни аргументи

Задачата на рејтинг агенциите е проценка на бонитетот, пред се’ на фирмите, но и на државите. Со оглед на тоа што и државите позајмуваат пари на пазарот на капитал, секој кој ги дава тие пари сака да знае во каква состојба е оној што позајмува. Португалија денес со огромни напори успева да дојде до позајмици. На Грција тоа воопшто не и успева.

Проценките на рејтинг агенциите се многу барани, па така и Европска Централна Банка со години се потпира на услугите на институциите како Стандард и Пурс, Мудис или Фич. Но, и покрај тоа, дури и шефот на ЕЦБ Жан Клод Трише деновиве се приклучи на критиките кон овие агенции, што претставува врв на лицемерието. Емоционалните повици на европските политичари за разбивање на монополот на американските рејтинг агенции всушност единствено служат за одвраќање на вниманието од сопствените грешки.

Deutsche Welle Wirtschaft Henrik Böhme
Хенрик БемеФотографија: DW

Огромните долгови на одредени земји-членки на ЕУ не се плод на проценката на рејтинг-агенциите, ниту пак, финансиските кругови во Менхетн ја изработија фаличната структура на заедничката европска монетарна политика. Изградбата на заедничка Европа на темелите на заедничката валута едноставно не е доволно. Внимателните критичари навреме предупредуваа дека не е многу паметно земји со различна стопанска моќ да се фрлаат во истиот монетарен казан. Сега напнатоста во Унијата е толку голема што се заканува пукање по сите шевови. И во ваква ситуација беше многу благодарно да се пронајде жртвеното јагне кое се појави во облик на рејтинг агенциите.

Проблематична е и најавата за формирање на европска рејтинг агенција, за да се разбие американскиот монопол. Дали една европска агенција ќе направи подобра проценка само затоа што е од Европа? Актуелната состојба во САД го покажува токму спротивното. Во светло на банкротот, кој му се заканува на Вашингтон поради огромниот внатрешен долг, агенциите се заканија со намалување на бонитетот на земјата. Во случај Вашингтон до 4 август да не успее да ги исплати државните обврзници во вредност од 30 милијарди долари, се заканува намалување на рејтингот на најнизок степен. И покрај тоа, на ниту еден американски политичар не му падна ни на крај памет да ги критикува агенциите. На европските политичари тоа треба да им послужи како пример.

Автор: Хенрик Беме

Превод: Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска