1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непријателите на слободата на печатот

АТ/ дпа/ афп/ епд3 мај 2013

Цензурираат, забрануваат и прогонуваат: деспотите и диктаторите, дури и избрани државници ставаат пранги околу печатот. Во некои земји „незгодните“ новинари дури и мораат да стравуваат за својот живот.

https://p.dw.com/p/18R2x
Фотографија: picture-alliance/dpa

По повод Светскиот ден на слободата на печатот организацијата Репортери без граници објави нова листа на „Непријателите на слободата на печатот“. На неа за првпат се најдоа Муслиманското братство во Египет и исламистичката сириска група бунтовници Ал Нусра Фронт. Во Египет Муслиманското братство како и претседателот Мохамед Мурси ги менуваат издавачите и главните уредници на државните весници според заслуга, се вели.

Критичките новинари добиваат тужби, странските дописници се клеветат дека биле шпиони. Во Сирија, од почетокот на бунтот против режимот на Асад во март 2011 година, според Репортери без граници се убиени најмалку 23 новинари и 59 граѓански новинари. Организацијата го вбројува претседателот Башар ал - Асад веќе со години меѓу „непријателите на слободата на печатот“. Актуелно е додадена и групата бунтовници која се бори против него, Ал Нусра Фронт, која напаѓа соработници на сириските државни медиуми и им се заканува на дописници.

Вкупно околу 40 шефови на држави, парамилитарни групи и криминални мрежи се наоѓаат на листата за 2013 година, на која се укажува на гонење на новинарите и обидите да им се наметне на медиумите некоја позиција. Тука се вбројуваат претседателот на Русија Владимир Путин, претседателите на Азербејџан и Белорусија Илхам Алијев и Александар Лукашенко, картелите за дрога во Мексико, мафија групи од Италија како шефот на талибанците, Мула Омар.

„Правото на слободно мислење е човеково право“

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун се заложи за поголема заштита на новинарите. Во целиот свет репортерите добиваат закани поради својата работа, честопати се и измачувани и дури убивани, рече Бан пред Генералното собрание на ОН. „Ние можеме да направиме повеќе“, пред се’ злосторствата против медиумите не смеат да останат неказнети, рече Бан.

Правото на слобода на мислењето и на информации било универзален составен дел во декларацијата на човековите права. Сепак новинарите, водителите и блогерите постојано се жртви на напади. „Притоа не станува збор само за физичко насилство, туку честопати за напади на интернет или се користат средства за присила“, рече Бан. „Сите новинари во сите области на медиумите мораат да можат да ја извршуваат својата работа. Ако не биде опасно да се подигне гласот, профитира целиот свет“.