1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непроценлива уметност скриена во Минхен

Јохен Куртен / Б. Георгиевски5 ноември 2013

Не стивнуваат реакциите по сензационалното откритие во Минхен. Во стан беа пронајдени 1.500 слики на Пикасо, Шагал, Матис... со вредност од речиси една милијарда евра. Но, кој е сопственикот?

https://p.dw.com/p/1ABpn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Куп конзерви со храна на кои одамна им истекол рокот, картонски кутии, а зад нив слики со непроценлива вредност. Љубителите на уметноста се одушевени, но сега се отвора многу работа и за правниците. Се знаеше дека нацистите запленувале и криеле уметнички дела, но никогаш досега не е откриено толку големо уметничко богатство. Даночните инспектори, всушност, го контролирале станот на Ролф Гурлит уште пред две години, но целата приказна дури сега ја објави неделникот Фокус. Гурлит и’ паднал в очи на полицијата при рутинска контрола во воз, но во неговиот стан имало што да се види - Пикасо, Матис, Шагал, Бекман...

Вредните слики очигледно со години биле во станот на Ролф Гурлит, а претходно му припаѓале на неговиот татко, познатиот трговец со уметности Хилдебранд Гурлит, кој починал уште во 1956. година. Стариот Гурлит во 20. и 30. години на минатиот век бил директор на музејот во Цвикау и на здружението на уметници во Хамбург. Бил личност која живеела за уметноста, нешто што на нацистите не им делувало премногу ариевски. Кога режимот на Хитлер тргнал во пресметка со „дегенерираната“ уметност, Гурлит останал без работа.

Сепак, тркалото на среќата набрзо ќе се сврти. Нацистите сфаќаат дека „дегенерираните“ уметнички дела имаат голема вредност во странство, па го задолжуваат Гурлит да ги продава. Воглавно се работело за дела од модерната и германскиот експресионизам кои биле поставени на славната изложба во 1937 година, иако не се вклопувале во нацистичкиот поглед на светот. Уве Хартман од германското Биро за откривање на потеклото на уметничките дела вели дека Гурлит веројатно задржал, а можеби и купил, голем број слики.

Само ретките упатени експерти знаат што точно се наоѓа меѓу 1.500-те откриени слики, но се верува дека има и дела на стари мајстори кои Хитлер и Геринг пасионирано ги собирале, а германските војници ги ограбувале низ цела Европа.

Првите проценки говорат за пазарна вредност од околу една милијарда евра, иако експертот за уметност Штефан Колденхоф се сомнева во таа пресметка. „Хилдебранд Гурлит бил експерт за цртежи, а тие не вредат колку сликите“, вели Колденхоф.

Deutschland Geschichte Ausstellung Entartete Kunst in München mit Adolf Hitler
Хитлер и Гебелс на изложба во 1937 година во МинхенФотографија: picture-alliance/dpa

Морална димензија

Јавноста се прашува и зошто дури сега се дознава за сликите кои биле откриени уште во 2011 година. Колденхоф верува дека сликите не потекнуваат само од музеите, туку голем број им биле одземени на еврејските семејства и веројатно тоа е и причината што информацијата за откритието била чувана во тајност.

„Наследниците на ограбените сопственици, воглавно Евреи, со години плаќаат скапи адвокати и бараат враќање на нивните дела. На тие луѓе секако би им било од помош доколку им се каже дека нивните слики се пронајдени во Минхен“.

Соговорниците на ДВ сметаат дека освен правните последици, целата приказна има и морална димензија.

„Гурлит им припаѓаше на трговците кои профитираа од нацистичкиот прогон на Евреите и одземањето на нивниот имот“, вели Уве Хартман. Штефан Колденхоф додава дека конечно е време на пазарот на уметнички дела конечно сериозно да се отвори темата за сопствениците кои, како семејството Гурлит, се збогатиле во времето на нацизмот.