1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непроценлива штета по пожарот во Св. Јован Бигорски

1 октомври 2009

Македонските граѓани од различна етничка и верска припадност со тага и неверување реагираа на пожарот, кој уништи голем дел од еден од најубавите македонски манастири Св. Јован Бигорски. Најавена е помош за обнова.

https://p.dw.com/p/JvG3
Манастирот Свети Јован БигорскиФотографија: MIA

Наместо утринската молитва братството на манастирот Св. Јован Крстител спасуваше што може да се спаси: вредни икони, книги, од пламените јазици, кои го проголтаа поголемиот дел од манастирскиот комплекс.

Го нема повеќе „Горни палат“, така ги нарекуваа старите конаци изградени 1825 година. Тие беа единствени зачувани по својата автентичност во поширокиот регион. Ги нема повеќе галеријата чии одаи беа украсени со убаво обработени дрвени тавани, розети во резба и сликите на владиците, големата трпезарија во која можеа да се сместат над 200 гости, конаците и библиотеката, кои ја надополнуваа убавината на манастирскиот комплекс.

Брзата реакција го спаси иконостасот

Со брзата интервенција на противпожарните единици од Дебар, од Струга, од Кичево, Гостивар, Тетово и Скопје и хеликоптерот на АРМ беше спасена црквата изградена во 11 век. Таа е позната и привлечна по иконостасот, изработен од орево дрво со длабока резба. Го правеле мајсторските раце на мијачките копаничари Петре Филипов-Гарката од селото Гари и Макарие Фрчкоски од Галичник. Иконостасот претставува ремек дело на мијачките мајстори. Тие преку него ја изразија вештината на вметнување на човечки фигури со префинетост и умешност, каква не е повторена на Балканот и која до денес претставува интерес за сите светски музеи. Во одредени сегменти мајсторите комплетно го приближиле реалниот живот, движењата и изразите на телата.

Ikonostas Sv.Jovan Bigorski
Иконостасот не беше зафатен од пожаротФотографија: DW

Бигорскиот манастир - гордост на сите

Бигорскиот манастир беше место посетувано од сите, без оглед на национална и верска припадност. Доаѓаа да се помолат за здравје, за рожба, за спокој во душата. Исто така беа заедно и во несреќата, која го снајде манастирот. Со манастирот се гордеевме и ќе се гордееме сите, тоа беше наше богатство, велат градоначалниците на Дебар Аргетијн Фида и на Маврово-Ростуше Мукрем Мехмеди.

Солзи и неверување кај сите. Емоциите го надвладеаа и поглаварот на МПЦ г.г. Стефан. Тој верува дека добрите луѓе ќе го помогнат, како и до сега, овој божји храм, за да се врати некогашниот негов сјај. Апел за помош за обнова на храмот упати и дебарскиот муфтија ефенди Ружди Љата.

Манастирот го посети и шефот на државата Ѓорге Иванов. Тој вети дека помош нема да изостане. Штетата не може да се процени, иако се споменува бројка од петипол милиони евра. Сите се убедени дека заедно ќе ја надминат и оваа стихија и повторно заедно ќе доаѓаат да се помолат за здравје, за мир во душата, за благосостојба.

Автор: Вера Тодоровска

Редактор: Александра Трајковска